Жоан Лапорта се израдува на уште една победа на Барселона во финале против Реал Мадрид, овојпат во финалето на Копа дел Реј кое во саботата се одигра во Севилја.
Во еден драматичен и епски „Ел Класико“ дуел, каталонците излегоа како победници после дополнителни 30 минути игра, а победата од 3:2 посебно еуфорично се славеше и поради увертирата на финалето.
Реал Мадрид како клуб ги бојкотираше сите случувања пред натпреварот и се закани дека нема да игра ако не се променат судиите, но откако стана јасно какви последици ќе имаат „кралевите“ доколку не се појават на теренот, на крајот се донесе одлука да се биде дел од завршниот чин.
На теренот, играчите на Барселона по трет пат оваа сезона беа подобри од своите големи ривали, па Жоан Лапорта сега со мало задоцнување се огласи за сето она што се случуваше во петокот и саботата.
– Добро знам каква беше намерата на Реал, тоа беше уште една стратегија и обид да не дестабилизираат, но ние не сакавме да влегуваме во нивните игри. Нашата стратегија беше јасна, да зборуваме на теренот и за фудбалот. Знаевме дека не чека спектакл кој е својствен за најдобриот натпревар во светот. Направивме се што требаше да направиме, не влеговме во дворот кој не не интересира.
– Имаме здрава намера да ги освоиме сите натпреварувања од кои сме дел, а останатото е дел од циркусот. Не сакаме да бидеме дел од тој циркус, се обидовме да се оддалечиме од цела врева која се создаде пред натпреварот, – изјави Лапорта.