Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, му честиташе на Ливерпул за рекордната 20-та титула во англиската Премиер лига по убедливиот триумф над Тотенхем на „Енфилд“ во 34. коло.
„Апсолутно заслужено, без сомнение. Фантастичен тим. Во следната сезона, како што правевме ние во претходните четири години, тие ќе се обидат да ја одбранат титулата. Се надевам дека ќе бидеме подобри и ќе се натпреваруваме за титулата, а оваа сезона тоа беше невозможно“, се присети Гвардиола на периодот кога неговиот тим доминираше во англискиот фудбал.
Сити, минатогодишниот победник, е четврти со 61 бод, еден повеќе од Нотингем Форест, кој има одиграно натпревар помалку.
Првите пет екипи ќе се квалификуваат за Лигата на шампионите, но Шпанецот смета дека дури и освојувањето на ФА Купот нема да ја направи успешна оваа сезона.
„Оваа сезона не беше добра. Заостануваме 1.000 бодови (точно 21) зад Ливерпул и тоа не е добро. Погледнете ја Лигата на шампионите – победивме на еден или два натпревари? Не бевме добри. Клубот мора да ги донесе правилните одлуки ова лето за да биде подобра следната сезона“, ја најави Гвардиола реконструкцијата на тимот.
До крајот на сезоната во Премиер лигата остануваат уште четири кола, а „граѓаните“ ќе се борат и за трофејот во ФА купот против Кристал Палас на Вембли на 17 мај.