Скот МекТомини полека прераснува во вистински миленик меѓу тифозите на Наполи, а причина за тоа не е само неверојатното залагање на теренот, туку и се поголемото влијание кое го има во ситуацијата кога тимот на Конте се бори за титулата.
Шкотланѓанецот вчера дојде до биланс од четири погодоци на последните три меча и прераснува во лидер на Наполи во битката за Скудетото, па сосема очекувано, Скот почна да добива разноразни прекари од страна на навивачите во Неапол.
„МекТерминатор“, „МекГивер“ и „МекФратм“ се најпопуларните прекари кои се слушаат во Неапол кога е во прашање Скот, а сега самиот фудбалер си го избра омилениот по двата погодоци за победа против Торино.
– МекФратм е најдобриот прекар кој го добив. Сигурен сум дека наполитанците ќе се согласат со тоа, – изјави МекТомини.
Фратм на неаполски дијалект означува „брат“, па МекТомини јасно стави до знаење дека навивачите на Наполи ги чувствува како свои браќа.
Поранешниот играч на Манчестер Јунајтед едноставна има сезона од соништата во премиерното патување во Серија А, бидејќи во досегашниот тек на шампионатот постигна 11 погодоци, но забележа и 4 асистенции.