[ВИДЕО] Стоичков покажа класа со пораката за Македонија, Пандев порача: Ќе ви се оддолжиме за овој пречек

Дерби

28/04/2025

11:49

2.156

Големина на фонт

а а а

Горан Пандев го прими трофејот за победата која ја остварија македонските ветерани над историскиот тим на Бугарија од 1994-та година, но во ситуацијата кога резултатот во секоја смисла беше во втор план, капитенот на нашиот тим возврати со убави зборови за фантастичниот пречек и гостопримството од цела бугарска нација.

Фудбалот ги обедини големите фудбалски легенди од двете земји и главна цел беше да се соберат што поголеми парични средства за погодените семејства од трагедијата во Кочани, а хуманиот гест од организаторот на настанот наиде на поздрав од цела македонска јавност, но посебно од актерите кои беа дел од вчерашниот настан.

– Сакам од името на цела Македонија, од името на претседателот на ФФМ да ви се заблагодарам за овој организиран настан. Прво му се заблагодарувам на најголемиот, Христо Стоичков, па на сите останати за прекрасната организација. За нас беше чест да играме со најдобрата генерација на бугарскиот фудбал.

– Се надевам дека ќе ни бидете гости во Македонија, да можеме да ви се оддолжиме за овој пречек. Се забавувавме, игравме како браќа и беше одлично искуство за сите нас. Ни се случи голема трагедија во Македонија и се надевам дека тоа никогаш повеќе нема да се повтори. Со оваа иницијатива сакаме да помогнеме, затоа што спортот е најголем амбасадор, – изјави Пандев.

Свое обраќање по завршениот натпревар со резутлат 2:3 во корист на македонските ветерани имаше и главниот организатор на настанот, легендарниот Христо Стоичков.

– Кога се случи трагедија им се обратив на моите пријатели Пандев и Хаџиевски и не требаше многу време за да ми кажат ДА. Благодарност за сите кои помогнаа во организацијата. Знаеме колку е тешко и нема да ги вратите животите на тие млади луѓе, но должиме едно внимание кон моите пријатели, моите семејни пријатели, моите браќа. Од името на целиот наш национален тим, од мое лично име ви се заблагодаруваме од срце. Знаеме каква е маката, но сочувствуваме со нашите пријатели. Сите средства кои денес ги собравме ќе ги испратиме до Фудбалската Федерација на Македонија (ФФМ) да ги достават до семејствата и пријателите на трагично загинатите. За крај, голема благодарност за луѓето од Варна, за топлото гостопримство и многубројната посета, – порача Стоичков.