Никол Киф од Њукасл има 27 години и живее во комбе со своето куче, додека нејзините месечни трошоци, како што вели, се „само 650 фунти“. За мобилен дом се одлучила како фотографка, откако се изморила од бескрајниот циклус на изнајмување станови.
Така, како што вели, направила радикален чекор кон поедноставен живот. Нејзиното детство било обележано со постојани преселби „поради ситуации надвор од нејзина контрола“, а и кога пораснала, поради нестабилни врски, пишува „Индепендент“.
До 2023 година се чувствувала како финансиски заробеник на пазарот за изнајмување и била убедена дека никогаш нема да има свој дом и покрај тоа што работела како моден фотограф.
Пресвртниот момент настанал кога одлучила нејзиниот нов дом да биде нејзиниот автомобил. Никол вложила 8.500 фунти во „Форд Транзит“ комбе, претворајќи го во свој дом. Сега, во друштво на своето милениче Макартни, вели дека ужива во новостекнатата слобода и значително пониските животни трошоци.
Порано паркирала во близина на зградата каде што работела во текот на неделата, а за време на викендите патувала низ земјата, сѐ додека не добила работа како чистачка во камп во Дорсет.
Потоа станала самостоен фотограф, фриленс-креатор на содржини за бизниси и менаџер на социјални мрежи, истражувајќи ја земјата со комбето и Макартни.
„Трошам околу 650 фунти месечно тоа е помалку отколку што некогаш сум трошела само за кирија, а сега имам поголема слобода да одлучам каде да ги трошам моите пари. Живеев од месец за месец, не можев да имам социјален живот и не можев да си дозволам сѐ што ми беше потребно“, изјави Никол.
„Макартни е пресреќен што живее со мене во комбето, го обожава тоа, а јас станав најдобрата верзија од себе. Посамоуверена сум, чувствувам слобода, но и мир… Не можам повеќе да се замислам како се враќам на работа од 9 до 17 часот“, додаде таа.
Во текот на годините, Никол живеела на 18 различни адреси – често се селела како дете, а подоцна и поради врски што не функционирале. Како резултат на тоа, навикнала да биде во движење, а животот во комбе „секогаш ѝ бил на радарот“, благодарение на социјалните мрежи.
Дипломирала на Универзитетот во Ковентри во 2020 година и подоцна работела со полно работно време како фотограф во модно студио во Вашингтон.
Сепак, по три години во таа улога, Никол се чувствувала „неисполнето и едноставно несреќно“.
Иако „напорно работела“, сепак се мачела да собере пари за кирија и чувствувала дека „речиси никогаш“ нема да може да купи сопствен имот. Според статистиките, поголемиот дел од недвижнините што се продавале во Вашингтон во изминатата година биле станови со тераси, со просечна цена од 126.930 фунти.
Сето тоа ја натерало да купи комбе. Во септември 2023 година купила преуреден „Форд Транзит“ за околу 8.500 фунти.
„Тоа беше многу минималистички… Има кујна, мијалник, кревет, соларни панели, а додадов и фрижидер, гасен шпорет и фритеза, како и нов душек. Со текот на времето работев и на декорацијата, сега ентериерот е украсен со детали со леопардов принт“, раскажува Никол.
Додека барала работа како фриленсер, продолжила да работи класична смена од 9 до 5, живеела во комбето и се паркирала на блиски паркинзи, а за викенд патувала низ земјата.
Така поминала девет месеци со својот пес Макартни. Повеќето членови на нејзиното семејство, вели таа, мислеле дека е „малку луда“, додека другите биле збунети, но ја поддржале.
Во јуни 2024 година, преку Фејсбук нашла работа како чистачка во камп.
По онлајн интервју, ѝ била понудена позицијата, дала отказ и се преселила во Дорсет две недели подоцна. Таму работела три месеци, користејќи ги викендите за истражување на јужниот брег.
„Беше прекрасно, затоа што претходно се чувствував како да не можам да побегнам, како да сум заробена“, додала Никол.
Сега вели дека е во контакт со вистински пријатели и семејството, дека има „врска на далечина“, и особено е благодарна што го има кучето: „За два дена се навикна на комбето и мислам дека ужива во овој начин на живот“.
Кога станува збор за социјалниот живот, вели дека на почетокот се борела со „ограничената интеракција со луѓе“, бидејќи не ѝ било пријатно сама со себе, но постепено се навикнала да оди сама во кафулиња и да „ужива во својата самотија“.