Следниот нов папа кој ќе го наследи папата Франциско сигурно нема да биде жена – поради вековната традиција.
Кој ќе ја преземе улогата на Светиот Отец на чело на Католичката црква по смртта на папата Франциско е прашање што го интересира голем дел од светот, но одговорот на тоа сè уште не е познат.
Новиот папа мора да биде маж
Иако Папската конклава нема да започне пред да поминат најмалку 15 дена, а одлуките ќе се носат тајно во ѕидовите на Систинската капела, веќе е познато дека новиот папа ќе биде маж – бидејќи сите 138 можни кандидати се мажи.
И покрај неговиот полиберален пристап, папата Франциско цврсто стоел зад својот став дека жените не можат да ја преземат оваа ценета улога. Теоретски, секој крстен маж може да се смета за избор, иако во пракса конклавата обично избира некој кој веќе е кардинал. Правилата налагаат дека кандидатот не смее да биде во брак и веќе мора да биде признаен како свештеник, епископ, ѓакон, лаик или кардинал. Токму тоа е причината поради која крстените жени ја немаат истата можност – затоа што Католичката црква не дозволува ракополагање на жени за свештеници. Тоа е традиција која се протега низ вековите и постоела за време на сите 266 папи.
Улогата на жената во Црквата
Оваа вест може да биде изненадување за некои, имајќи предвид дека на папата Фрањо не му било страно рушењето на традицијата откако бил избран во 2013 година – тој се откажал од својата папска плата и одлучил да живее во Домот на Света Марта, скромен црковен пансион, наместо во раскошната Апостолска палата.
Аргентинскиот кардинал, кој го избрал името Франциско во чест на Свети Франциско Асишки, станал познат како „прогресивен папа“ поради неговите либерални ставови за теми како што се климатските промени и правата на ЛГБТК+. Тој се залагал и за други реформи, како што се вклучување на повеќе жени на високи позиции во Ватикан и назначил повеќе кардинали надвор од Европа од кој било од неговите претходници – сето тоа во визијата за поинклузивна Католичка црква. Дури и по неговата смрт, тој продолжува да ги оспорува нормите, бидејќи ќе биде погребан надвор од Ватикан.
Но, дозволувањето на ракополагање на жените никогаш не било дел од неговата агенда. Наместо тоа, тој истакнал за списанието „America“ дека жените имаат различна, но подеднакво важна улога во Црквата. На новинарско прашање зошто жените не можат да бидат ракоположени, тој одговорил: „Зошто жената не може да влезе во хиротонисана служба? Затоа што за тоа нема место во принципот на Петар“, пренесува „Catholic News Agency“.
Инаку, Петровиот принцип се однесува на теолошката идеја во Католичката црква дека папата е наследник на Свети Петар, еден од дванаесетте апостоли, кого католиците го сметаат за прв папа. Овој принцип е основата на папската власт и хиерархијата во Црквата.
„Тоа што жената не влегува во министерскиот живот не е ускратување“
Тој продолжувал со објаснувањето дека Црквата е „жена“ и „вереница“ и дека религијата сè уште нема развиено теологија на жените која го одразува тоа, притоа нагласувајќи го постојниот Маријански принцип на женственост. „Тоа што жената не влегува во министерски живот не е лишување. Не. Нејзиното место е она што е многу поважно, а кое допрва треба да го развиваме – катехеза на жените во смисла на Маријанскиот принцип.
Тој навестил и дека „административниот пат“ може да биде прилика за жените, признавајќи: „Верувам дека во овој аспект треба да им дадеме повеќе простор на жените“. Додал и дека жените се подобри во управувањето со работите и го нарекол „револуција“ назначувањето на пет жени на одредени позиции.