Шимпанзата ги откриле „магиите“ на алкохолот: Ферментираното овошје ги зајакнува пријателствата – дури и во џунглата

Точка

22/04/2025

23:03

380

Големина на фонт

а а а

Најновата студија на британски научници, која анализирала снимки од шимпанза како консумираат ферментирано овошје, открива дека овие животни по консумацијата стануваат посоцијални и се поврзуваат меѓусебно.

Како што наведува "The Guardian", исто како што луѓето се собираат за дружење, така и шимпанзата можат да формираат групи за слични активности.

Истражувачи од Универзитетот во Ексетер ги снимале шимпанзата во националниот парк Кантанез во Гвинеја-Бисау, каде што тие делеле овошје со природна содржина на алкохол – не во дози доволни за пијанство, но сепак доволни за да предизвикаат пријатно чувство слично на она што го имаат луѓето кога пијат пиво.


„Кај луѓето е познато дека консумацијата на алкохол ослободува допамин и ендорфини, кои предизвикуваат чувство на задоволство и релаксација“, објаснува д-р Ана Буленд, една од научничките од тимот. Таа додава дека обичајот на заедничко консумирање алкохол игра важна улога во зајакнувањето на социјалните врски – нешто што сега се забележува и кај шимпанзата.

Нејзината колешка, д-р Кимберли Хокинс, нагласува дека шимпанзата обично не споделуваат храна, што го прави откритието – дека доброволно делат овошје со алкохол – уште поинтригантно.


Иако овошјето содржи релативно мала количина на алкохол, шимпанзата го јадат секојдневно и во големи количини, што, според Хокинс, може да се спореди со ефектот што пивото го има кај луѓето.

„Треба дополнително да истражиме дали шимпанзата намерно бараат овошје кое содржи етанол и како нивниот метаболизам го обработува, но ваквото однесување може да укаже на рано еволутивно потекло на човечките навики за славење со пијалак“, заклучува Хокинс.