Новата европска ракета „Ariane 6“ успешно лансираше француски шпионски сателит, правејќи клучен чекор кон враќање на нејзината вселенска независност.
Ова беше прва целосно оперативна мисија на ракетата, која полета од Европскиот вселенски центар во Француска Гвајана, во време кога континентот се соочува со растечки геополитички предизвици и прашања за неговата улога во вселената.
„Ariane 6“ беше развиена од „ArianeGroup“, компанија која е заеднички контролирана од „Airbus“ и „Safran“. Нејзиното лансирање претставува значителен поттик за европските амбиции за намалување на зависноста од другите вселенски сили, првенствено САД и „SpaceX“.
Меѓутоа, кога станува збор за капацитетот и бројот на лансирања, Европа сè уште заостанува зад американските конкуренти.
🚀On March 6 #Arianespace successfully launched with #Ariane6 the CSO-3 satellite for @DGA & @CNES on behalf of @Armee_de_lair @Armees_Gouv.
— Arianespace (@Arianespace) March 6, 2025
Arianespace guarantees independent access to space for France and Europe, meeting a strategic priority.
Release: https://t.co/7h3xgPKva9 pic.twitter.com/OU6EsdPxZ5
„Ја консолидираме нашата независност во пристапот до вселената и придонесуваме за обезбедување на суверенитет во име на нашите граѓани“, изјави Дејвид Кавалолес, извршен директор на „Arianespace“.
9 години развој
Развојот на „Ariane 6“ започнал уште во 2014 година, кога европските земји се согласиле да изградат нова ракета која ќе служи и за комерцијални и за институционални мисии. Лансирањето првично било планирано за 2020 година, но бројните одложувања ја пролонгирале мисијата до денес.
Поради доцнење, Европа во меѓувреме била принудена да користи ракети „SpaceX“, дури и да лансира сателити од европскиот навигациски систем „Galileo“.
Дополнителен удар задала војната во Украина, која резултирала со прекин на соработката со рускиот Сојуз, а во исто време италијанската ракета „Vega C“ била приземјена речиси две години.
Јозеф Ашбахер, шеф на Европската вселенска агенција (ESA), претходно предупредил дека европскиот вселенски сектор е во сериозна криза, но успешното лансирање на „Ariane 6“ сега го вратил оптимизмот во индустријата.
Борба со конкуренцијата
Покрај ракетата, „Airbus“ одиграл клучна улога во развојот на лансираниот сателит, додека неговиот оптички инструмент со висока резолуција беше развиен од „Thales Alenia Space,“ заедничко вложување меѓу „Thales“ и „Leonardo“.
Со оглед на зголемената конкуренција и брзиот раст на влијанието на мрежата „Starlink“ на Маск во ниската орбита, „Airbus“ и „Thales“ моментално размислуваат за основање на ново заедничко вложување за да се прилагодат на промените на пазарот.
„Разговорите сè уште се во фаза на истражување“, изјави Патрис Каен, директор на Thales.
Европа сега се обидува да ги достигне глобалните вселенски играчи, а Ariane 6 би можел да одигра клучна улога во тој процес.