Корисниците се побунија, "Mozilla" реагираше: Кој ги продава нашите податоци и кому?

Точка

03/03/2025

21:01

501

Големина на фонт

а а а

"Mozilla Firefox" често се гледа како приватна алтернатива на "Google" пребарувачот.

"Mozilla", непрофитната организација која стои зад веб-пребарувачот "Firefox", ги ревидираше своите нови Услови за користење поради критиките од корисниците во врска со правата на сопственост на податоци и лиценцирањето.

Минатата недела "Mozilla" воведе нови Услови за користење за "Firefox", со формулација што звучеше како да има широко право на сопственост врз податоците на корисниците.

„Кога поставувате или внесувате информации преку "Firefox", ни давате неексклузивна, бесплатна, глобална лиценца за користење на тие информации, за да ви помогнеме да се движите, доживеете и комуницирате со онлајн содржините онака како што покажувате со користење на "Firefox"“, гласеше почетниот текст од Условите за користење, што предизвика бурни реакции од корисниците на социјалните мрежи.

Сега, оваа клаузула е отстранета и заменета со дополнително објаснување зошто "Mozilla" „се откажува од давањето општи тврдења дека ’Никогаш не ги продаваме вашите податоци‘“.

„Му давате на "Mozilla" правата што се неопходни за функционирање на "Firefox". Ова вклучува обработка на вашите податоци како што е опишано во Известувањето за приватност на "Firefox". Исто така, вклучува неексклузивна, бесплатна, глобална лиценца со цел да ги извршиме вашите барања за содржината што ја внесувате во "Firefox". Ова не ѝ дава на "Mozilla" никакво сопствеништво врз таа содржина“, се вели во ажурираните Услови за користење.

Според "Mozilla", правната дефиниција за „продажба на податоци“ е широка и постојано се менува. Многу компании немаат јасност дали нивното однесување би можело да се смета за „продажба на податоци“, велат од организацијата.

„Ги слушнавме загриженостите на дел од нашата заедница во врска со делови од Условите за користење, особено во однос на лиценцирањето. Нашата намера беше да бидеме што е можно појасни во врска со тоа како функционира "Firefox", но со тоа создадовме и забуна и загриженост“, напиша "Mozilla" во блог-пост во петок, 28 февруари.

"Mozilla Firefox" се позиционира како безбедна алтернатива на "Google" пребарувачот, со непрофитна организација која настојува да ги зајакне правата на корисниците за приватност преку блокирање следење меѓу веб-страници, одделување на колачиња и други механизми за заштита.

За да биде комерцијално одржлив, "Mozilla" признава дека прибира и споделува некои кориснички податоци со своите партнери. Меѓутоа, овие податоци се одвојуваат од потенцијално идентификациски информации или се споделуваат во агрегирана форма, велат од организацијата. Повеќе детали се наведени во нејзиното Известување за приватност.