Трката за вештачка интелигенција (AI) е немилосрдна, исто како и работното време што го предложи коосновачот на "Google", Сергеј Брин.
Многумина ја гледаат општата вештачка интелигенција (AGI) како некакво „свет грал“ што ќе му донесе на човештвото подобра иднина – во која луѓето ќе работат што сакаат, ќе бидат здрави и ќе живеат долго. Ова е, секако, утопистичка визија, според која "AI", еднаш кога ќе стане попаметна од луѓето, ќе најде решенија за болестите, долговечноста и пристапната енергија, како и ќе ги замени луѓето на бројни работни места, овозможувајќи им да се занимаваат со работи што навистина ги сакаат.
Сепак, "AGI" носи и големи ризици, за кои многу пати се пишувало, а останува само да се надеваме дека песимистичките сценарија нема да станат реалност.
Жестока конкуренција во трката за "AI"
Додека никој не може со сигурност да предвиди што ќе се случи кога "AI" ќе ја надмине човековата интелигенција, факт е дека големите технолошки компании очајно сакаат да стигнат до тој момент што е можно побрзо. Конкуренцијата во оваа индустрија е огромна.
"OpenAI" ја започна "AI" револуцијата со "ChatGPT", а на ова поле се натпреваруваат и "Google", "Microsoft", "Meta", во трката се вклучи и "Apple", како и голем број кинески компании, вклучително "DeepSeek".
Со оглед на тоа што конкуренцијата е извонредно силна, компаниите мора да дадат максимум во развојот на оваа технологија.
Што предложи Сергеј Брин?
Еден од коосновачите на "Google", Сергеј Брин, кој пред пет години се повлече од позицијата претседател на компанијата, но сè уште е дел од одборот и активно учествува во клучните одлуки, неодамна упати порака до вработените.
Тој истакна дека оние што работат на развојот на вештачката интелигенција мора да работат барем 60 часа неделно доколку сакаат да бидат конкурентни со компаниите како "OpenAI", "Meta", "xAI" и "DeepSeek".
Според него, тоа е идеалното работно време за максимална продуктивност, но неговата изјава не се однесува на сите вработени во "Google", туку првенствено на оние што се занимаваат со развој на "AI".
Жртвување на приватниот живот за 'AI" трката
Ова значи дека оние што сакаат "Google" да победи во "AI" трката ќе мора целосно да го жртвуваат својот приватен живот од понеделник до петок.
Брин сугерира дека доколку викендите се слободни, вработените треба да работат најмалку 12 часа дневно – од 8 до 20 часот или од 9 до 21 часот.
Јасно е дека таквото работно темпо, кое остава минимално време за личен живот, а само два слободни дена за одмор, може да доведе до исцрпеност и стрес.
Критика за „непродуктивните“ вработени
Во својата порака, Брин ги критикуваше оние што не го даваат својот максимум на работа:
„Многу луѓе работат помалку од 60 часа неделно, а мал број едвај го вложуваат минимумот. Тие не само што се непродуктивни, туку можат да бидат и крајно демотивирачки за останатите вработени.“
Во моментов, "Google" бара од своите вработени да бидат во канцеларија најмалку три дена неделно, додека другите два дена можат да работат од далечина.
Но, според сè, Брин би сакал тие целото работно време да го поминуваат во канцеларија.