Светата планина Таи, наречена и Таишан или Мирна планина, за Кинезите има големо историско и културно значење. Како една од петте свети планини, таа се наоѓа во источната кинеска провинција Шандонг и е поврзана со митологијата на зората, раѓањето и обновувањето.
Таи е свето место и важен церемонијален центар околу две илјади години, а кинеските императори од различни династии неуморно оделе на аџилак на врвот на планината низ долгата историја.
За тоа сведочат натписите на карпите, камените плочи и храмовите – на Таишан има дури 22 храмови, нешто помалку од сто урнатини и бројни натписи на камени плочи и карпи.
Повеќе од 7000 скали
Таи се издига на височина од 1500 метри, а има повеќе од 7000 скали кои водат до нејзиниот врв. Дури и за планинарите во одлична форма, искачувањето е доста напорно, а социјалните мрежи се полни со видеоснимки на кои се гледаат луѓе на кои им се тресат колената или кои се искачуваат на планината користејќи ги и рацете и нозете.
Во меѓувреме, снаодливите Кинези смислија како да им го олеснат искачувањето на туристите и почнаа да изнајмуваат роботски нозе или егзоскелети за околу 10 евра.
Со помош на алгоритам на вештачка интелигенција, егзоскелетот ги препознава човечките движења, се синхронизира со нив и служи како потпора за намалување на оптоварувањето на нозете. Уредот се прицврстува околу половината и бутовите и тежи приближно 1,8 килограми. Секој егзоскелет работи на две батерии, кои траат приближно пет часа, што е доволно за искачувањето.
„Навистина функционира! Се чувствував како некој да ме влече нагорнина!“ рече Ли Ченгде, 68-годишен турист, пренесе Си-ен-ен.
Оние кои ги пробале роботските нозе рекоа дека се чувствувале како кукли бидејќи егзоскелетот ја завршил целата работа, а негативните страни го вклучуваат фактот дека е незгодно да се врзуваат чевлите или да се оди во тоалет со роботските нозе. Роботите треба дополнително да се усовршуваат во иднина, а се очекува да бидат ставени на пазарот на почетокот на март