"Mercedes-Maybach S-класа" во ново издание: Најпрестижната верзија е приказна сама за себе

Точка

25/03/2026

13:03

341

Големина на фонт

а а а

„MERCEDES-BENZ“ ја претстави освежената верзија на својата најлуксузна лимузина, Mercedes-Maybach S-класа. Иако носи низа подобрувања, најзначајната вест за европските купувачи е укинувањето на престижниот V12 мотор, кој беше единствена карактеристика на најексклузивната верзија S 680. И покрај тоа што од „MERCEDES-BENZ“ зборуваат за „нова димензија на ексклузивност и удобност“, ова сепак е детал што означува нова насока во развојот на ултралуксузната класа возила.

Крај за V12 во Европа

Во луксузната класа факторот на престиж не смее да се потцени. Откако дванаесетцилиндричниот мотор беше укинат кај S-класата уште со претставувањето на генерацијата 223, освен во блиндираната верзија S 680 Guard, овој импресивен агрегат кај "Maybach S 680" остана негова уникатна карактеристика во рамки на целиот концерн. Со редизајнот, тој мотор исчезнува од европскиот пазар. Наместо него, "Mercedes-Maybach S 680" сега го придвижува доработен V8-битурбо мотор (M 177 evo), дополнително усовршен за овој модел.

Две дополнителни оски за балансирање треба да обезбедат исклучително мирен работен режим. Со 612 коњски сили, V8 моторот е подеднакво моќен како и 6,0-литарскиот V12, па во однос на перформансите не се очекуваат компромиси. Сепак, кај "Maybach" фокусот не е на перформансите, туку на луксузот, удобноста и чувството дека поседувате нешто најдобро.


За европските купувачи V8-битурбо отсега е врвот на понудата, додека на други пазари "Maybach S 680" и натаму ќе биде достапен со V12 мотор. На прашањето дали дванаесетцилиндричниот мотор некогаш ќе се врати во Европа, од „MERCEDES-BENZ“ не дадоа конечен одговор. Исто така, не го открија досегашниот однос на продажба меѓу V8 и V12 верзиите. Треба да се напомене дека укинувањето на V12 моторот во Европа не беше доброволна одлука на компанијата.


Нови надворешни детали

Освен промените под хаубата, "Maybach" ги презема повеќето новини од редизајнираната S-класа. Уште поголемата хромирана маска на ладилникот јасно го издвојува од стандардниот модел, а за првпат и маската и "Maybach" амблемот се осветлени.

Осветлената ѕвезда на „MERCEDES“ е резервирана само за одредени пазари, меѓу кои не е Германија. Бројни мали "Maybach" логотипи во отворите за воздух се хромирани, а предните светла со ѕвездеста графика имаат суптилни акценти во розово-златна боја.


Во понудата се и два нови дизајни на тркала, вклучително и полирани повеќекраки фелни од 20 инчи, а сите доаѓаат со самонивелирачки капачиња на главините. Во страничните прагови се интегрирани проектори што на подлогата го проектираат натписот „Maybach“, додека логото на C-столбот сега е исто така осветлено, но оваа опција не е достапна на сите европски пазари.

Задните светла со три ѕвезди од секоја страна се познати од редизајнот на S-класата. За оние кои не сакаат хром, во понудата останува пакетот „Night Series“.


Ентериер со уште повеќе луксуз

Во внатрешноста, Maybach паралелно со S-класата добива нов кокпит со сериски екран "Superscreen", поради што е редизајнирана и инструмент таблата. Се издвојуваат нови, поквалитетни декоративни елементи и дополнителни можности за персонализација. За првпат е достапен и ентериер без кожа, изработен од лен и рециклиран полиестер. Сепак, кај "Maybach" традиционално фокусот е на задните седишта.

Издолжените врати се затвораат со притисок на копче на таванот, а патниците се опкружени со кожа, како новата нијанса „Beech Brown“. Со кожа се обложени дури и капаците на звучниците, а многу од овие детали се рачно изработени. Екраните на задниот инфотејнмент систем се поголеми, а досегашниот таблет е заменет со два далечински управувачи.


Модели и нарачки

Нарачките за обновената "Mercedes-Maybach S-класа" веќе се отворени на првите европски пазари. Достапни се моделите "S 580 4Matic" и "S 680 4Matic", додека на одредени пазари се нуди и plug-in хибрид со шест цилиндри. „MERCEDES-BENZ“ сè уште не ги објави цените.

Во претходната верзија, моделот со V8 мотор започнуваше од 184.301 евра во Германија, додека за V12 требаше да се издвојат 239.439 евра. Завршниот впечаток го дава раскошната двобојна каросерија во комбинацијата „Opalithweiß bright/Verdesilber Metallic“, што потврдува дека "Maybach" и понатаму визуелно остава силен и препознатлив впечаток.