Еден од најпознатите примероци на моделот „Mercedes-Benz 500E“ неодамна беше продаден на аукција за дури 320.000 долари. Автомобилот претходно бил во сопственост на американскиот комичар и страстен колекционер на автомобили Џери Сајнфелд.
Продажбата се одржа на аукција во рамки на настанот „Amelia Island Auction“, при што беше поставен своевиден рекорд кога станува збор за цената на овој модел.
„Mercedes“ развиван од „Porsche“
Моделот „500E“ од генерацијата „W124“ има посебен статус меѓу колекционерите, бидејќи е развиен во соработка со компанијата „Porsche“.
Поради пошироката каросерија и моќниот „V8“ мотор, дел од производството се одвивал во фабриката на „Porsche“ во Цуфенхаузен, каде автомобилот во голема мера бил рачно склопуван.
Токму оваа необична соработка меѓу „Mercedes-Benz“ и „Porsche“, како и репутацијата на сигурен и брз седан, го направија „500E“ многу баран колекционерски автомобил.
Речиси како нов по повеќе од три децении
Високата цена дополнително се објаснува со состојбата на возилото. Автомобилот е произведен во 1992 година и има поминато само 2.335 милји (околу 3.750 километри).
Аукциската куќа „Gooding & Company“ наведе дека автомобилот е практично во состојба на ново возило.

Под хаубата се наоѓа познатиот 5.0-литарски „V8“ мотор со 32 вентили кој развива 326 коњски сили и 480 Nm вртежен момент, во комбинација со четиристепен автоматски менувач.
Поради својата историја и речиси совршената состојба, но и затоа што станува збор за автомобил кој е вистинска реткост на пазарот на класични возила, овој примерок на „Mercedes-Benz 500E“ сега се вбројува меѓу највредните продадени автомобили од оваа легендарна серија, пренесува „b92“.











