Добриот секс може да ви го подобри расположението, но и здравјето. Затоа не е чудно што може да биде навистина фрустрирачки ако работите под прекривката не се одвиваат како што сте се надевале или ако никако не можете да ја разбудите страста кај себе и партнерот. Совршено е нормално тоа повремено да се случува и нема потреба да очајувате, пишува „Живим“.
Сепак, можеби вреди да ги преиспитате вашите секојдневни навики, бидејќи некои, на прв поглед безопасни, нешта можат да доведат до еректилна дисфункција или да ви го намалат либидото.
Професорот Џеф Хакет открива пет работи кои можат да бидат причина за вашата еректилна дисфункција. Од грицкање одредени намирници до претерување со алкохол, еве кои навики треба да ги избегнувате во иднина.
Консумирање масна храна
Иако масната храна може да биде многу вкусна и во ред е повремено да се почестите, прекумерната консумација може да предизвика проблеми во сексуалниот живот.
„Причината е што нездравите масти можат да доведат до таложење наслаги во крвните садови, што се нарекува атеросклероза. Атеросклерозата предизвикува стеснување на крвните садови, со што се намалува протокот на крв во пенисот, што го отежнува постигнувањето и одржувањето на ерекцијата“, објаснува професорот Хакет, истакнувајќи дека масната храна не само што го намалува расположението за секс, туку и атеросклерозата што ја предизвикува може да го зголеми ризикот од срцев и мозочен удар.
Еректилната дисфункција може да биде важен предупредувачки знак дека малите крвни садови во пенисот веќе трпат последици од таквата исхрана и дека истото може да се случи и со поголемите ако не преземете мерки.
Прекумерно внесување шеќер
Уште еден виновник за незадоволителен сексуален живот можат да бидат слатките ужинки, особено ако редовно си ги дозволувате. Слатките го зголемуваат нивото на шеќер во крвта, што ја поттикнува панкреасот да лачи повеќе инсулин за да го врати шеќерот во нормала. Ако често минувате низ таков циклус, тоа може да се одрази на вашето сексуално здравје, бидејќи еректилната дисфункција понекогаш може да биде знак за дијабетес. Лицата со дијабетес почесто имаат проблеми со ерекцијата, па затоа е препорачливо рано да побараат медицинска помош.
Претерана консумација на алкохол
Мислите дека алкохолот може да го направи сексот поромантичен или повозбудлив? Тој всушност го убива расположението за секс кога конечно ќе стигнете до спалната соба. Преголемата количина алкохол може да го зголеми крвниот притисок и нивото на холестерол, како и да го намали нивото на тестостерон, што може да доведе до еректилна дисфункција, намалена сексуална желба и потешкотии при постигнување оргазам. Стероидите и додатоците за зголемување на мускулната маса исто така можат да имаат сличен ефект, предупредува професорот Хакет.
Пушење
Пушењето генерално е многу штетно за здравјето, но и за сексуалниот живот.
„Главниот виновник е никотинот, кој е познат како вазоконстриктор, односно супстанција што го намалува протокот на крв низ крвните садови. Малите крвни садови во пенисот се особено чувствителни, па така пушачите имаат 1,5 до 2 пати поголем ризик од еректилна дисфункција во споредба со непушачите. Дури и ако престанете да пушите, може да бидат потребни шест месеци за проблемите со ерекцијата да исчезнат“, објаснува професорот Хакет.
Стрес
Стресот може да биде еден од најголемите убијци на либидото. Тој се поврзува со зголемено ниво на адреналин, што го отежнува одржувањето на ерекцијата и влијае на производството на полови хормони, особено тестостерон, што може да го намали либидото. Исто така, хормонот на стрес – кортизолот – може да влијае на лачењето на тестостерон.
Четири начини за подобрување на сексуалниот живот
Професорот Хакет признава дека понекогаш може да биде тешко да се избегне стресот, но предлага да се намали преку дишење, медитација и сексуална терапија, со што ќе се зголеми либидото.
Кога станува збор за исхраната, постојат многу намирници кои можат да го подобрат сексуалниот живот, а не се толку познати како остригите или јагодите со чоколадо. Нутриционистот Мајкл Мозли советува да јадете повеќе намирници како што се наут, масна риба, ф’стаци, зелен лиснат зеленчук и цвекло.
Експертите препорачуваат и изведување кегелови вежби, кои ги зајакнуваат мускулите на карличното дно, што може да го подобри сексуалниот живот на двата пола. Доволно е да ги затегнете и опуштите мускулите кои би ги користеле ако сакате да го прекинете млазот на урината. Задржете ги мускулите затегнати 2-3 секунди, а потоа опуштете ги. Повторете ја вежбата десет пати и правете пет такви серии во текот на денот.
Редовната физичка активност. исто така, може да направи чуда за вашиот сексуален живот и здравје.