Консумирањето одредени видови алкохол за некои луѓе е секојдневие, без кое не можат да замислат ниту еден ден, но престанувањето пиење алкохол може позитивно да влијае на здравјето, а позитивни резултати може да се видат за само 30 дена.
Диететичарката Меги Мун објасни за „Парада“ дека „откажувањето од алкохол може да биде голема промена на животниот стил, особено ако тоа е дел од вашата рутина, како пијалак по работа“. Редовното консумирање алкохол може да има влијание врз физичкото и менталното здравје, дури и ако консумирате алкохол само повремено.
Мун и психијатарката Мишел Дис откриле шест позитивни промени кои можеме да ги видиме дури и 30 дена по прекинот на консумирањето алкохол.
Може да имате помалку дигестивни проблеми
Бидејќи алкохолот ја иритира слузницата на дигестивниот систем, може да предизвика проблеми како жиговина, надуеност и дијареја (пролив). По еден месец без алкохол, „вашите црева ќе ви бидат благодарни“, истакнува Мун, објаснувајќи дека овие симптоми со текот на времето ќе се ублажат или сосема ќе исчезнат.
Таа советува дополнително да се грижите за здравјето на цревата со консумирање растителна храна богата со влакна, полифеноли и пробиотици. Тоа вклучува малини, јаболка, брокула, компири, темно чоколадо, црн чај, црни маслинки, јагоди, комбуха и други слични намирници.
Црниот дроб може да функционира подобро
Дури и само еден месец без алкохол може да биде корисен за црниот дроб, бидејќи го намалува неговиот напор да ги филтрира токсините. Психијатарката Дис објаснува: „Ензимите како АЛТ и АСТ, кои обично се зголемуваат поради оштетување на црниот дроб предизвикани од алкохолот, почнуваат да се подобруваат. Тоа значи дека воспалението во црниот дроб се намалува и се подобрува неговото целокупно здравје“.
Ќе спиете подобро
Ако сте забележале дека често се будите во текот на ноќта кога сте ја поминале вечерта пиејќи алкохол, за тоа постои причина.
„Алкохолот може да предизвика сонливост, но немојте да се залажувате, алкохолот всушност го нарушува сонот и ги нарушува РЕМ циклусите. Не губите алкохол, туку добивате квалитетен сон“, тврди Мун.
Освен очигледните придобивки од добриот сон, како чувството дека сте поодморени, квалитетниот сон помага во регулирање на хормонот на гладот, го обновува ткивото и го отстранува метаболичкиот отпад од мозокот, додава Мун.
Подобра ментална јасност и емоционална рамнотежа
Како што можеби веќе сте слушнале или доживеале, алкохолот е депресив кој може негативно да влијае на вашите когнитивни способности и расположение, пренесе „Парада“. По 30 дена без него, може да забележите отсуство на овие несакани ефекти.
„Кога алкохолот се отстранува од организмот, доаѓа до повторно балансирање на невротрансмитерите, што ја подобрува менталната јасност, фокусот и продуктивноста во текот на денот“, објаснува Дис, додавајќи: „Многу луѓе пријавуваат подобрување на сонот, намалена анксиозност и помалку промени во расположението, и сето тоа во рок од само неколку недели.
Вашата кожа ќе изгледа посвежо
Позитивни промени може да се забележат дури и на кожата.
„Дехидрирачкиот ефект на алкохолот и неговото влијание врз кожата може да предизвикаат предвремено стареење однатре кон надвор“, објаснува Мун.
За дополнително подобрување на изгледот на вашата кожа, диететичарката препорачува пиење вода и чај, кои можат да го подобрат тонусот и текстурата на кожата и да ги намалат подуеноста и црвенилото.
Ќе почувствувате зголемување на самодовербата
Одлуката да не пиете алкохол исто така може да има позитивни ефекти врз менталното здравје. Мун го наведува истражувањето на Универзитетот во Сасекс кое покажало дека 90 отсто од луѓето кои се откажале од алкохолот еден месец се чувствувале горди на себе, пренесува „Парада“.