Националниот парк „Dzūkija“ во Литванија стана мета на љубителите на природата, но и на обожавателите на печурките. Таму талкањето низ шумите во потрага по печурки е толку честа појава што постои посебен термин за тоа: „nugrybauti“.
За народ кој е толку фасциниран од берењето печурки, шумите „Dzūkija“ на југот од земјата се како Луна парк: ова заштитено подрачје има неверојатно богатство и разновидност на јадливи печурки.
Берење со водич
Покрај ова, нуди и мочуришта и густо збиени борови дрвја кои не ги пропуштаат сончевите зраци, создавајќи посебна атмосфера. Во шумата е лесно да се изгубите, а за да не се случи тоа, посетителите често одат на организирани тури со водич кој се грижи околу ориентацијата – но и дали печурките набрани по пат се јадливи. Најголемиот во земјата, националниот парк „Dzūkija“ е само еден час возење оддалечен од главниот град Вилнус.
„Овде, берењето печурки е клучен дел од животот со векови – практика која некогаш била потреба, а денес е омиленото хоби. Тоа го обликувало начинот на живот, кујната и економијата на регионот низ историјата. Околу 300 видови јадливи печурки ги привлекуваат љубителите на печурки од целиот свет во ова тивко катче на Балтикот. Посетителите им се придружуваат на локалните жители во нивната потрага по некои од најголемите, најретките и најубавите печурки во Европа, среде бескрајните пространства на недопрени шуми“, пишува Би-би-си, додавајќи дека уникатниот состав на почвата е одговорен за толку многу различни видови на печурки во шумата, и претставува рај за печурките, но не и за земјоделството.
Шумско богатство
Затоа, не зачудува тоа што примарниот извор на храна и приходи во овие краишта отсекогаш била шумата. Знаењето за лов, собирање бобинки, печурки и лековити билки се пренесувало од генерација на генерација. Остатоците од поранешната трговија со печурки во „Dzūkija“ можат да се видат во селата како Зервинос, каде што локалните жители ги сушеле и преработувале печурките од регионот, кои потоа биле продавани на советската елита во Вилнус, Варшава и Санкт Петербург.
Собирањето печурки некогаш било неопходно за опстанок, а денес тоа е едноставно начин на живот. Локалните „grybautojasi“ (собирачи на печурки) се едни од најискусните во Европа, а ако ги прашате ќе ви кажат дека уловот зависи од врнежите, влажноста, па дури и од фазите на месечината, кои наводно влијаат врз растот на печурките. Меѓутоа веројатно нема да ви откријат каде се нивните омилени места за берење затоа што ги чуваат во строга тајност, но доколку ви кажат – не кажувајте никому.