Глобалниот воздушен сообраќај најверојатно ќе ги собори сите рекорди во 2025 година, со проектирани 5,2 милијарди патници. Но, светот парадоксално станува помалку достапен. Иако можеби повеќе луѓе ќе патуваат, бројот на земји кои се сметаат за безбедни за туристичко патување опаѓа. Се намалува листата на најбезбедни земји во светот. Дури и сопствениците на најмоќните пасоши, според „Henley Passport Index“ и други извори, имаат помалку дестинации на располагање за патување отколку пред пет години.
Листата на најбезбедни земји се намалува
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA) предвидува дека воздушниот сообраќај ќе ги собори сите рекорди во 2025 година. Се очекува бројот на патници да достигне 5,2 милијарди. Ова ќе биде прв пат да се надмине границата од пет милијарди, и ќе претставува раст од 6,7% во однос на 2024 година.
Сепак, иронично е што листата на најбезбедни земји во светот се намалува. Според британскиот весник Телеграф, оваа година „целокупната слика ќе покаже сè потесен хоризонт“. Владата на Обединетото Кралство од 2019 година додаде уште 12 земји на Црвената листа за патувања. Тоа значи дека тоа се дестинации каде патувањето се смета за премногу опасно за туристите или случајните посетители.
Можеби не звучи како многу, но според дефиницијата на британското Министерство за надворешни работи, Црвената листа сега опфаќа 25 земји, вклучувајќи ги Русија, Белорусија, Украина, Иран, Судан, Либан и Мозамбик. Тие заедно сочинуваат 31.766.973 квадратни километри, а тоа е 21,3% од светската копнена површина, пишува „Forbes“.
Покрај овие 25 земји, постојат уште 47 земји во кои не се препорачуваат патувања, и тоа поради политичка нестабилност, конфликти и криминал.
Светот е позатворен во споредна со минатата година
Војната во Украина ги направи Украина, Русија и Белорусија недостапни. Конфликтот на Блискиот Исток доведе до тоа Израел, Либан и Палестина да бидат додадени на листата во октомври 2023 година (делови од Израел и Палестина сега се сметаат за безбедни).
Судирите во Судан меѓу ривалските воени фракции го наведоа Министерството за надворешни работи на ОК да издаде совет да не се патува во земјата. Додека немирите во Мозамбик ја наведоа владата на ОК да ја додаде и оваа земја на листата на забранети дестинации во 2024 година. Исто така, неодамна беа додадени делови од Танзанија поради јавни напади од екстремистички групи, а и многу делови од Мексико се сметаат за небезбедни поради насилниот криминал.
Слично на тоа, делови од Молдавија, Перу, Гана, Гватемала, Уганда и Еквадор се сметаат за забранети зони според истите критериуми.
Земји од Црвената листа
Британското Министерство за надворешни работи препорачува да се патува во следните земји само доколку е апсолутно неопходно. Тоа се: Авганистан, Белорусија, Буркина Фасо, Централноафриканската Република, Чад, Хаити, Иран, Ирак, Либан, Либија, Мали, Мајот, Мозамбик, Нова Каледонија, Нигер, Северна Кореја, Русија, Сомалија, Сомалиланд, Јужен Судан, Судан, Сирија, Украина, Венецуела и Јемен. Тоа е седум земји повеќе во споредба со 2019 година.
Земји од Портокаловата листа
Во овие земји постојат многу области кои посетителите треба да ги избегнуваат, освен ако патувањето не е апсолутно неопходно. Според упатствата на британското Министерство за надворешни работи, тоа се: Алжир, Ангола, Ерменија, Азербејџан, Бангладеш, Бенин, Боливија, Бразил, Бурунди, Камерун, Колумбија, Демократска Република Конго, Џибути, Еквадор, Египет, Еритреја, Етиопија, Грузија, Гана, Гватемала, Индија, Израел, Брегот на Слоновата Коска, Јордан, Кенија, Косово, Лаос, Малезија, Мавританија, Мексико, Молдавија, Мјанмар (Бурма), Нигерија, Пакистан, Папуа Нова Гвинеја, Перу, Филипини, Република Конго, Саудиска Арабија, Танзанија, Тајланд, окупирани Палестински територии, Того, Тунис, Турција, Уганда, Западна Сахара. Тоа е пет земји повеќе за разлика од 2019 година.
Моќни пасоши
Додека моќните пасоши, како оние кои се високо рангирани на „Henley Passport Index“ и „Arton Capital Passport Index“, овозможуваат проширен пристап, зголемените ограничувања за патување значат дека дури и сопствениците на овие пасоши се соочуваат со сè потесен избор на дестинации.
Моќниот пасош овозможува безвизен влез во голем број земји. Индексот за пасоши на „Henley Passport Index“ е еден од најстарите индекси кој ја рангира силата на пасошите во однос на безвизниот пристап ширум светот, а користи податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA).
Најновиот индекс за најмоќни пасоши во 2025 година го рангираше Сингапур на првото место, додека Јапонија го зазеде второто место. Неколку земји го делат третото место, со пасоши кои овозможуваат безвизен пристап до 192 земји – Франција, Германија, Шпанија, Италија, Јужна Кореја и Финска.
Според „Henley Passport Index“, американскиот пасош сега се наоѓа на деветтото место, додека пред 10 години беше на прво место.
Светот е повеќе поделен
Да се има еден од најмоќните пасоши во светот можеби нема да биде толку важно ако сè повеќе земји во светот стануваат недостапни од безбедносни причини. Соочувањето со парадоксот на растечкиот воздушен сообраќај и намалената листа на најбезбедни земји ја осветлува сложената глобална динамика.
Додека моќта на пасошите продолжува да расте во однос на безвизниот пристап, геополитичките конфликти, зголемената нестабилност и зголемените безбедносни грижи можат да ги ограничат опциите за патување. Зголемениот број на земји на црвената и портокаловата листа укажува на тоа дека светот станува сè повеќе поделен и тежок за навигација, дури и за најпривилегираните патници.