Младата девојка Софи Андерсон тврди дека потрошила само 100 евра за пазарување во маркетите во 2024 година. На прашањето како е тоа можно и од каде ја набавува храната, таа кратко одговара – во контејнери.
Оваа триесетгодишна девојка има бизарна навика од октомври 2020 година – од времето кога живеела во Сиднеј, кога почнала да зема фрлени свежи производи, но набрзо сфатила дека може да ги набави и другите намирници на ист начин.
Денес, Софи купува само ситни предмети во продавниците, како тоалетна хартија, сапун и паста за заби, пренесува „Њујорк пост“.
Таа тврди дека земајќи храна од контејнерите заштедува илјадници евра годишно, а тие пари ги троши на патувања. Моментално е вработена како менаџер во ресторан во данскиот град Орхус.
„Навистина немам потреба да одам во продавници, бидејќи наоѓам храна во контејнери. Во текот на изминатата година потрошив 100 евра во супермаркет. Ги трошам сите пари на посета на пријатели ширум светот“, открила таа.
Таа додава дека никогаш не се мачела да обезбеди пари за намирници, но дека сфатила колку е поисплатливо „копањето“ во контејнерите. Посетила неколку места со отпад што ги имаат продавниците во Сиднеј и тогаш сè се променило.
„Отсекогаш знаев дека луѓето го прават тоа и бев љубопитна. Кога видов што оставаат во контејнерите се шокирав. Имаше многу храна, дел беше со истечен рок, дел не. Брзо сфатив колку квалитетна стока се фрла“, објаснила таа.
Таа ја продолжи бизарната практика по враќањето во Данска во 2022 година.
„Немам распоред кога ги посетувам контејнерите – или одам неколку пати неделно или на секои две недели. Најдов толку многу, мојот фрижидер е секогаш полн“, истакнала таа.
Користејќи ги заштедените пари, Софи во последниве години организирала патувања во Кенија, Аргентина, Италија, Шпанија и Дубаи.
„Овој начин на живот ми овозможува целосна слобода“, заклучила таа.