Летната рута помеѓу Барселона и Амстердам беше прогласена за најстресна во Европа за патниците кои се плашат од летање, според анализата на „AirAdvisor“, која вклучуваше доцнења, откажувања на летови, временска прогноза и времетраење на патувањето.
Анализирани се 26 важни европски рути, а врската помеѓу аеродромот „Схипхол“ во Амстердам и „Барселона Ел Прат“ доби 75,1 од можни 100 поени.
Истражувањето не е за безбедноста на летовите или ризикот од турбуленции, туку за околностите што можат да го зголемат стресот и чувството на несигурност кај патниците.

На таа рута, во периодот од септември 2025 до август 2026 година, 7,02 проценти од летовите биле одложени повеќе од еден час, 0,83 проценти повеќе од три часа, додека 2,93 проценти од летовите биле откажани. Просечното времетраење на летот е 130 минути, а променливите временски услови во Амстердам се сметаат за дополнителен фактор.
Второто место го зазеде рутата Лондон Хитроу-Амстердам со 63,8 поени. Највисока стапка на откажувања меѓу анализираните рути е забележана на таа линија - 3,69 проценти.
Третата е линијата Манчестер-Даблин со 63,4 поени, која имаше најголем удел на летови со задоцнување од повеќе од еден час - 7,51 процент, пишува „Euronew“.
Меѓу десетте најстресни беа и линиите: Лисабон-Мадеира, Париз Шарл де Гол-Ница, Осло-Ставангер, Барселона-Рим Фјумичино, Лондон Хитроу-Франкфурт, Осло-Трондхајм и Мадрид-Лондон Хитроу.

Компанијата „AirAdvisor“ наведува дека стравот од летање обично не е поврзан само со еден фактор. Долгите чекања на аеродромот, неочекуваните откажувања, доцнењата и неповолните временски услови можат дополнително да ја зголемат вознемиреноста кај патниците.








