Американската инфлуенсерка Аликс Ерл (25), која на „Instagram“ има повеќе од шест милиони следбеници, а на „TikTok“ речиси девет милиони, изјави дека никогаш не прочитала ниту една книга, што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Ерл, која во мај 2023 година дипломирала деловна администрација на Универзитетот во Мајами, за американските медиуми изјавила дека не е личност која бара книги за читање, ниту пак ги читала дури и кога тоа било задолжително за време на школувањето, пренесува магазинот „Entertainment Weekly“.

„Тоа не може да биде вистина“
„Никогаш не сум прочитала ниту една книга“, одговорила Ерл на прашањето на новинарот да ја наведе последната книга што ја прочитала.
Нејзината изјава предизвика изненадување и потсмев кај дел од корисниците на социјалните мрежи, кои се прашуваа како успеала да заврши факултет без да чита книги.
„Тоа не може да биде вистина, си одела на факултет, сигурно тогаш си читала книги“, напишал еден корисник.
Друг истакнал дека тешко може да поверува оти Ерл завршила четири години факултет без да прочита книга, додека некои од коментаторите нејзината изјава ја нарекоа „алармантна“.

Поддршка од дел од публиката
Имаше и корисници кои се пошегуваа на нејзина сметка, потсетувајќи на задолжителните училишни лектири и познатите книги за тинејџери.
Ерл, сепак, доби и поддршка од дел од публиката, која нејзиното однесување за време на интервјуто го оцени како забавно и харизматично.
Универзитетот во Мајами, каде што Ерл дипломирала, има стипендија што го носи нејзиното име и е наменета за студенти од бизнис-школата со изразен потенцијал во областа на бизнисот.









