Посетата на Октоберфест за двајца мажи од Падерборн имала многу полоши последици од обичен мамурлак.
По забавата на познатиот фестивал на пивото во Минхен, гостите се вратиле во хотелот, а само неколку часа подоцна делови од историската зграда се нашле под вода!
Причината за бизарниот инцидент
Сè започнало во понеделникот, околу 4:45 часот наутро, кога Мануела Холцер (57), директорка на хотелот „Brack“ во Минхен, добила телефонски повик. Една од вработените била вознемирена.
„Насекаде има вода, капе од таванот“, рекла таа.
Проблемот не бил само во водата. Снемало струја, додека на таванот во салата за појадок се појавиле големи кафеави дамки, пренесува „Bild“.
Причината за хаосот набргу била пронајдена во собата 233 на вториот кат.
Според реконструкцијата на директорката на хотелот, двајцата гости од Падерборн се вратиле во хотелот по забавата. На едниот од нив му се слошило и повратил во туш-кабината.

„Не ни забележаа дека сум таму“
Потоа, според зборовите на Холцер, била пуштена водата, иако содржината веќе го затнала одводот. Во следните осум часа водата непрекинато течела од бањата и се ширела низ хотелот, додека двајцата мажи спиеле.
Најпрво стигнала до скалите, потоа поплавила големи делови од првиот кат, а на крајот и салата за појадок во приземјето. Околу седум часот наутро директорката пристигнала во хотелот и затекнала глетка каква што не очекувала
„Прво го исклучив тушот во таа соба. Водата беше длабока неколку сантиметри“, раскажала таа.
Двајцата гости, меѓутоа, воопшто не биле свесни што се случува. Додека водата со часови го поплавувала објектот, тие цврсто спиеле.
„Не ни забележаа дека сум таму. Морав да ги разбудам“, изјавила директорката.

Дали осигурувањето ќе покрие сè?
Хотелот бил изграден уште во 1889 година, а во него има голем број дрвени подови, поради што проблемот бил уште поголем.
Сега хотелот го очекува сериозна санација. Теписите мора да бидат отстранети, поставени се уреди за сушење, а големи делови од објектот мора целосно да се исушат.
Директорката проценува дека трошоците за санација ќе изнесуваат околу 200.000 евра. Сè уште не е познато дали осигурувањето ќе ја покрие штетата.
„На крајот на краиштата, не станува збор за пукната водоводна цевка, туку за груба небрежност“, изјавила Холцер.
Директорката презела и дополнителна мерка за да го заштити хотелот. Од двајцата гости, кои во меѓувреме се отрезниле од забавата, побарала писмено да потврдат дека ја преземаат одговорноста за настанатата штета.
















