Бебињата родени од 1 јануари 2025 година се дел од генерацијата Бета, нови генерациски групи кои ги опфаќаат оние родени од 2025 до 2039 година, според истражувачката компанија „Мекриндл“.
Според податоците на оваа компанија, генерацијата Бета ќе сочинува 16 отсто од светската популација до 2035 година, а многу нејзини припадници ќе го доживеат 22. век. Терминот „генерација Бета“ доаѓа откако основачот на компанијата, Марк Мекриндл, го воведе терминот генерација Алфа, кој се однесува на деца родени од 2010 до 2024 година.
Преглед на генерациски групи во последните 100 години:
• Генерација Бета: 2025–2039 година
• Генерација Алфа: 2010–2024 година
• Генерација Зет: 1997–2009 година
• Милениумци: 1981–1996 година
• Генерација Икс: 1965–1980 година
• Бејби бумерс (Baby Boomers): 1946–1964
• Тивка генерација: 1928–1945 година
Генерацијата Бета, како и нивните претходници од генерацијата Алфа, ќе бидат под силно влијание на технологијата. Генерацијата Алфа веќе го доби прекарот „деца на ајПад“ поради нивната зависност од технологијата, а генерацијата Бета ќе се соочи со уште поголемо влијание од вештачката интелигенција (ВИ) и автоматизацијата.
Според „Мекриндл“, животот на генерацијата Бета ќе биде дефиниран со вештачка интелигенција и автоматизација, додека општествените предизвици, како што се климатската криза и глобалните демографски промени, ќе ја обликуваат нивната иднина.
Родителите и дигиталната реалност
Родителите на генерацијата Алфа веќе се борат со тоа како да управуваат со односите на нивните деца со технологијата и алатките за вештачка интелигенција, кои станаа сеприсутни од лансирањето на ЧетГПТ (ChatGPT) во ноември 2022 година.
Според студијата на Истражувачкиот центар Пју од ноември 2023 година, дури една петтина од учениците кои слушнале за ЧетГПТ ја користеле оваа алатка за да помогнат во училишните обврски.
Експертите предупредуваат дека родителите треба да се трудат што подолго да ги држат децата подалеку од социјалните мрежи, поради нивното штетно влијание врз менталното здравје.
Критики на генерациски ознаки
Употребата на генерациски ознаки често е предмет на дебата. Претседателот на Центарот Пју, Мајкл Димок, предупреди во 2019 година дека овие категории треба да се користат како рамка за размислување за општествените промени, а не како поедноставени ознаки за разликите меѓу групите.
Генерацијата Бета како нова група дава увид во иднината на општеството, но предизвикува и прашања за тоа како да се одговори на сè поголемото влијание на технологијата и глобалните предизвици, се наведува во текстот на „Бизнис инсајдер“.