Во лабораторија направени ГМО комарци кои не касаат луѓе

Точка

10/12/2024

21:40

1.639

Големина на фонт

а а а

Во една од најмодерните биолошки лаборатории во Терни, Италија, научниците успеаја да создадат генетски модифицирани комарци кои не се во состојба да каснуваат луѓе, со што се отвора можноста за драстично намалување на преносот на опасните болести како маларија, денга треска и зика вирус на луѓето.

Ова откритие претставува значаен чекор во борбата против болестите кои секоја година се закануваат на милиони животи ширум светот.

Доколку се покаже како успешен на повеќето тестови, овој проект би можел да се примени во најранливите делови на светот. Планирано е ослободување на ГМО комарци во контролирани зони, при што ќе се следи нивното влијание врз населението и преносот на болести.


Како се создадени „мирољубивите“ комарци

Тимот научници користеше технологија "CRISPR-Cas9", која е една од најпрецизните алатки за уредување на гени. Нивната главна цел била генетски да го модифицираат видот комарец "Aedes aegypti", кој е познат како „тигрест комарец“. Овој комарец е препознатлив по карактеристичните бели ленти и се смета за главен носител на тропски болести.

Промената е постигната со деактивирање на генот одговорен за развој на специјални рецептори кај женските комарци. Женките од овој вид, кои се единствено одговорни за каснувања бидејќи ја користат крвта како извор на протеини за несење јајца, ја изгубиле способноста да го препознаат човечкиот мирис и да ја прободат кожата. Без функционални рецептори, овие генетски модифицирани женки престанале да ги касаат луѓето и почнале да се потпираат на алтернативни извори на храна, како што е растителниот нектар.

Научниците прво ги анализирале геномите на комарците за да ги идентификуваат гените одговорни за откривање мирис и способност за цицање крв. Со прецизно уредување на гените, тие потоа ја примениле технологијата "CRISPR-Cas9" и ги деактивирале клучните секвенци одговорни за овие функции.


Под контролирани лабораториски услови, овие ГМО комарци се набљудуваат за да се осигури дека нема да ги напаѓаат луѓето, дури и кога се изложени на нивниот мирис и присуство.

Генетски модифицираните единки се размножувале пренесувајќи ја оваа карактеристика на нивните потомци, со што се обезбедила одржливост на популацијата на „мирољубови“ комарци.

Овие генетски модифицирани комарци не само што не можат да каснат луѓе, туку автоматски го прекинуваат синџирот на пренос на болести. Денга треската, маларијата и вирусот Зика се шират преку каснувањето на заразените комарци, а со исклучување на оваа можност, болеста го губи главниот канал на пренос.


Според прелиминарните истражувања, ослободувањето на овие ГМО комарци во контролирани средини ќе го намали преносот на болести за дури 90 проценти. Научниците предвидуваат дека пошироката примена на оваа технологија може да спаси милиони животи, особено во тропските и суптропските региони, каде што овие болести се ендемични.

Иако ова откритие е револуционерно, а научниците посочуваат дека модификациите биле внимателно дизајнирани за да бидат специфични за целните видови, така што не постои ризик од влијание врз други инсекти, критичарите предупредуваат на можните еколошки последици од масовното ослободување на ГМО комарците во природата. Комарците играат важна улога во екосистемот, како храна за многу видови птици и риби. Промената на нивната популација може да влијае на синџирот на исхрана..

Се поставува и прашањето за етиката: до каде можеме да одиме во генетски модифицирање на живите организми?