Како што пишува "Guardian", Илон Маск без никакви докази изјавил дека астронаутите на НАСА, Буч Вилмор и Суни Вилијамс, биле оставени на Меѓународната вселенска станица (ISS) од политички причини. Данскиот астронаут Андреас Могенсен брзо ги отфрли овие тврдења, нарекувајќи ги целосна лага.
Изјавата на Маск предизвика реакции кај вселенските официјални лица, кои нагласија дека Вилмор и Вилијамс останале на "ISS" поради технички проблеми со нивниот вселенски брод, а не поради политички одлуки на американската администрација. Сепак, Маск влезе во жестока расправија со данскиот астронаут кој ја критикуваше неговата изјава дека поранешниот американски претседател Џо Бајден намерно ги оставил двајцата астронаути на "ISS".
Астронаутот: Каква лага
Андреас „Енди“ Могенсен вчера на платформата "X" сподели извадок од "Fox News", во кој Маск, во разговор со Доналд Трамп, тврди дека астронаутите на НАСА, Буч Вилмор и Суни Вилијамс, биле оставени на "ISS" од политички причини и дека новата администрација сега ги спасува од одлуките на администрацијата на Бајден.
„Каква лага. И тоа од некој што се жали на нечесноста на мејнстрим медиумите“, напиша 48-годишниот астронаут на Европската вселенска агенција (ESA), кој двапати летал до "ISS", вклучително и на мисија со капсулата "Crew Dragon" на "SpaceX" во 2023 година.
What a lie.
— Andreas Mogensen (@Astro_Andreas) February 20, 2025
And from someone who complains about lack of honesty from the mainstream media. https://t.co/DxofPYolon
Маск му порача на астронаутот дека е „ретардиран“
Маск одговори нарекувајќи го Могенсен „потполно ретардиран“ и додаде дека "SpaceX" можел да ги врати астронаутите дома уште пред неколку месеци и дека ја понудил таа опција на администрацијата на Бајден. Сепак, тој не појасни што конкретно вклучувала таа понуда.
Буч Вилмор и Суни Вилијамс пристигнаа на "ISS" во јуни со "Boeing Starliner" во рамки на осумдневна мисија за сертификација на новото вселенско летало.
Сепак, проблемите со потисниците доведоа до одлука на НАСА да го врати "Starliner" на Земјата без екипаж, а агенцијата го задолжи "SpaceX" да го осигури нивното враќање. НАСА најави дека двајцата астронаути ќе се вратат на Земјата со леталото од мисијата "Crew-9", кое беше лансирано во септември со двајца астронаути наместо четворица, за да се ослободи место за нив.
You are fully retarded.
— Elon Musk (@elonmusk) February 20, 2025
SpaceX could have brought them back several months ago.
I OFFERED THIS DIRECTLY to the Biden administration and they refused.
Return WAS pushed back for political reasons.
Idiot.
Враќањето на астронаутите е поместено од февруари за март
Првично, нивното враќање беше планирано за овој месец, но беше поместено за март поради доцнење на "SpaceX" во подготовката на леталото за мисијата "Crew-10", која ќе ја замени "Crew-9". Ако постоело алтернативно решение за порано враќање на астронаутите, Маск не го откри тоа.
„Илоне, долго време те ценам и се восхитувам на тоа што си постигнал, особено со "SpaceX" и "Tesla". Но, и ти добро знаеш дека Буч и Суни се враќаат со леталото "Crew-9", како што беше планирано уште од септември. Дури ни сега не испраќаш спасувачки брод по нив. Се враќаат со капсулата "Dragon", која е на "ISS" од септември“, му порача Могенсен.