Официјалниот датум не е објавен, но гласините откриваат кога пристигнува новото продолжение на легендарната франшиза.
Веројатно никогаш во историјата љубителите на видеоигрите не очекувале некоја игра со толку големо нетрпение, како што денес го чекаат новото продолжение од "GTA" франшизата. Некои фанови дури најавија дека, кога играта ќе се појави во продажба, ќе земат годишен одмор или боледување за целосно да му се посветат на виртуелниот свет на "Vice City".
Покрај гејмерите, и многу големи и мали гејминг студија со нетрпение го очекуваат официјалниот датум на претставување на првиот "GTA" наслов по повеќе од една деценија. Нивните причини се поинакви – не сакаат да ги претстават своите нови игри во исто време кога ќе пристигне новиот "Grand Theft Auto", бидејќи таков потег би бил осуден на неуспех.
Сè упатува на еден датум
Од "Rockstar" сè уште нема официјален датум за објавување, но според нивните планови, тоа треба да се случи наесен, иако напомнале дека секогаш може да дојде до промени и одложувања.
Додека официјални информации нема, страницата "Kotaku "објави дека најверојатниот датум кога новиот "GTA" конечно би можел да стане достапна е 28 октомври. Оваа страница потсетува дека "Rockstar" во минатото ги лансирал своите најголеми наслови токму во октомври, а објасниле и зошто крајот на месецот е најверојатниот избор.
Поврзаноста со "2K Games" и "Take-Two Interactive"
Имено, неодамна "2K Games" и "Gearbox" го најавија датумот на издавање на "Borderlands 4" – 23 септември. Она што е важно да се нагласи е дека "2K Games" и "Rockstar Games" имаат ист сопственик – "Take-Two Interactive".
Не е тешко да се заклучи дека тимот на "2K Games" знае нешто повеќе за датумот на излегување на новиот "GTA", па токму затоа се одлучиле за крајот на септември. Тоа значи дека неколку недели пред и по овој датум може да се исклучат како потенцијални датуми за старт на продажба на "Grand Theft Auto 6", бидејќи издавањето на една игра не смее да ја загрози продажбата на другата.
Секако, секогаш постои можност објавувањето на новата "GTA" да биде подоцна, во ноември или декември, но ноември обично е резервиран за нови наслови од франшизата "Call of Duty".
Иако се очекува "GTA" да има поголема продажба од "CoD", јасно е дека тимот на "Rockstar" не сака да ризикува и да се натпреварува со друга популарна франшиза. Свесни се дека подобри продажни бројки ќе постигнат со порано претставување на својата нова игра.
Со оглед на тоа дека до тогаш останува повеќе од половина година, сигурно е дека ќе се појавуваат нови гласини. Но, веќе е јасно дека љубителите на легендарната франшиза, по повеќе од една деценија чекање, конечно „бројат ситно“ и крајот на годината би можеле да го дочекаат повторно уживајќи во новото продолжение на "Grand Theft Auto".