Компанијата за сајбер безбедност што ја основаа поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц и неговите партнери во Израел, сега вреди 1,1 милијарда долари.
Стартапот наречен "Dream" доби дополнителни 100 милиони долари во новата рунда на финансирање, со што влезе во елитниот клуб на „еднорози“ – стартап компании што вредат повеќе од милијарда долари.
Ова е огромен успех за компанија која е основана пред само две години. "Dream" се опишува како „компанија фокусирана на вештачка интелигенција, која им помага на владите и клучните инфраструктури да се заштитат од сајбер напади“.
Кои се инвеститорите?
Во соопштението на компанијата се наведува дека овој инвестициски круг го предводел „Bain Capital Ventures“, а меѓу останатите инвеститори се „Group 11“, „Tru Arrow“, „Tau Capital“ и „Aleph“.
"Dream" исто така објави дека од своето основање до 2024 година остварил повеќе од 130 милиони долари годишен приход преку продажба на услуги за сајбер безбедност на влади и национални организации.
Компанијата, која Курц ја основал заедно со Шалев Хулио, поранешен извршен директор на израелската компанија за шпионски софтвер "NSO Group", и сајбер експертот Гил Долев, има канцеларии во Тел Авив, Виена и Абу Даби.
Кратка биографија на Курц
За потсетување, Себастијан Курц стана еден од најмладите светски лидери во 2017 година, кога на 31-годишна возраст беше избран за канцелар на Австрија.
Од власт беше соборен во 2021 година, а минатата година судот во Виена го осуди на условна затворска казна од осум месеци поради лажно сведочење.