Актерката Шанел Маја Бенкс, позната по нејзината улога во серијата „Gossip Girl“, исчезна пред две недели, меѓутоа беше пронајдена.
Како што објави „TMZ“, актерката беше пронајдена, жива, здрава и без повреди, а во меѓувреме и самата актерка се огласи на социјалните мрежи при што откри шокантни детали од нејзиниот живот.
Имено актерката на инстаграм сподели објава во која напиша дека со години била жртва на насилство од страна на нејзината мајка и очувот.
Actress Chanel Maya Banks breaks silence:’I am not missing’ https://t.co/RvIrQjZYSA pic.twitter.com/nLSUiHU42f
— New York Post (@nypost) November 14, 2024
„Целиот свој живот молкум се справував со болката предизвикана од ритуалното, сексуално малтретирање, манипулации и бескрајната тортура која ја трпев откога бев беспомошно бебе во рацете на таканареченото семејство, кое сега е многу „загрижено“ околу тоа каде се наоѓам“, напиша актерката и потоа потенцираше дека се сретнала со полицијата и им потврдила дека е добро и дека конечно се ослободила од мајка ѝ.
„Сакам слобода за себеси, но и за сите кои страдаат во тишина. Сакам сè да кажам јавно, за луѓето како мене да сфатат дека не треба да се срамат. Сакам правда и го молам Бога да ми помогне за да ја добијам правдата“, изјави актерката.
Бенкс напиша дека целиот живот трпела насилство од страна на мајка ѝ, но и од очувот, кого го нарече педофил.
„Не ни паметам од кога почна да ме силува па сè до 2014 година“, напиша Шанел, која ги спомена и вујковците и тетките со кои исто така не е во добри односи. Потоа ја спомена и Даниел, која беше најмногу вклучена во потрагата по актерката и ги известуваше обожавателите околу развојот на ситуацијата. Даниел тогаш изјави дека не се слушнала со Шанел неколку дена и дека тоа ѝ било сомнително бидејќи вообичаено имале редовен контакт.
Бенкс сега напиша дека тоа е лага и дека не разговарала со Даниел 15 години, и додаде дека Даниел копнее по популарност и внимание. Актерката напиша дека целиот живот не можела ништо да направи без дозвола на семејството и дека сите ја малтретирале. Од друга страна семејството на актерката креираа и „GoFundMe“ страница преку која собираа средства потреби за истрагата, а Шанел упати апел до нејзините следбеници да не уплаќаат пари бидејќи се работи за измама.
Откако актерката се огласи на инстаграм, голем дел од нејзините следбеници не поверуваа дека објавата ја напишала таа. „Хм, не мислам дека Шанел го напишала ова“, „Нема да поверувам сè додека не видам видео во кое кажува дека е добро“, „На венчавката ѝ се заблагодари на мајка ѝ. Сега вели дека таа е личноста од која се обидува да избега. Ова ми е сомнително“, „Нејзиниот маж беше сомнителен, устата му беше повредена и имаше гребнатинки. Сега одеднаш се појавува овој текст, но нејзе никаде ја нема во живо да ги увери луѓето дека е добро. Ова не изгледа добро“, беа само дел од коментарите корисниците на социјалните мрежи.
Актерката која во меѓувреме ја избриша оваа објава, повторно се огласи преку инстаграм стори, каде сподели детали кои уверуваат дека она што претходно го напишала е вистина, а исто така кажа дека наскоро ќе се огласи и со Јутјуб снимка. Инаку, семејството на актерката соопшти дека нејзиниот сопруг не сакаше да учествува во потрагата по неа, како и дека имал повреди по телото и гребнатинки.