[ФОТО] Германското гратче од бајките чијашто слобода ја сочувал пијаниот градоначалник, а Дизни буквално го пресликал

Точка

22/10/2024

18:21

1.232

Големина на фонт

а а а

Ротенбург Об Дер Таубер, живописниот град во Баварија, се наоѓа на „романтичната рута“ помеѓу Вирцбург и Баварските Алпи, а честопати е нарекував најубавиот град во Германија. Малиот град во кој живеат повеќе од 11 илјади луѓе изгледа како од бајките. И всушност тоа и е. Тој го инспирираше тимот на Дизни да „изгради“ многу од местата каде што живеат нивните херои, а куќата на Пинокио беше буквално пресликана од Ротенбург.


Прошетката низ историскиот центар на Ротенбург на Таубер е шарено патување низ историјата. Улиците со калдрма и шарените куќи со вкрстени греди и кули наредени по кривулестите улички потсетуваат на важноста на средновековниот Ротенбург, чиј развој го достигна својот врв во 15 век.

Гратчето е опкружено со ѕидини, кои денес нудат пријатна прошетка од четири километри. Обиколката вообичаено започнува на една од петте градски порти, Родертор. Во ѕидините има и 42 кули, а во некои од нив можете и да влезете. Кај кулата Коболцел, можете да се упатите кон срцето на градот и неговиот најфотографиран дел – стариот кварт „Plönlein“.


На само неколку минути пешачење оттука се наоѓа средновековниот музеј на злосторства и алатки за малтретирање, најголемиот од ваков вид во Европа. Во близина е уште еден многу посебен музеј, германскиот божиќен музеј, каде што е Божиќ во текот на целата година. Кога ќе се спојат магијата на Ротенбург во ноември и неговиот познат саем „Reiterlesmarkt“, Ротенбург навистина станува вистинска зимска бајка.

Но, без разлика во кој дел од годината ќе се најдете тука, сигурно ќе го сретнете градскиот ноќен чувар во црна наметка, кој ќе ви раскаже бројни анегдоти од долгата историја на градот. Исто така, ќе ви каже дека најголемите непријатели на градот биле пијаниците – затоа што ќе заспијат на стража, а градот можел да изгори поради нивното невнимание.


Но затоа, од друга страна, Ротенбург беше спасен од страна на пијаниот градоначалник. По поразот во триесетгодишната војна, во 1631 година градот сепак бил ослободен благодарение на тогашниот градоначалник кој го прифатил предизвикот на непријателот да испие повеќе од три литри вино во една голтка. Бокалот се наоѓа во колекцијата на Царскиот градски музеј, а споменот на тој настан живее и денес преку изведбата на претставата „Der Meistertrunk“ (Мајсторска голтка), која традиционално се изведува на Денот на душите (денот на мртвите).


Тој е еден од најдобро зачуваните средновековни градови во Германија, кој може да се пофали со готско и ренесансно градско собрание, средновековната црква Св. Јаков, каде често настапуваат солисти од светска класа, како и театарот Топлер, наречен „најубавиот театар во Баварија“.

Шармантната околина на Ротенбург, исто така, нуди многу возбудувања за сечиј вкус. Овде својот пат ќе го најдат планинарите, голферите, велосипедистите и пешаците, а гурманите нема да се разочараат.


„Enjoy ob der Tauber“ ќе ги разгали посетителите со локални специјалитети, а рестораните „Schranne“ и „Höll“ ги имаат најдобрите домашни колбаси. Не треба да се пропушти ниту култниот бар „Mucho Amor“ на познатиот боксер „Simon Kistenfeger“, како и „Café Lebenslust“, каде, како што доликува на бајките, ќе ве послужат со пијалак од хибискус, ливчиња од роза, нане и пенливо вино.


Покрај тоа, Ротенбург има и свој десерт – „тауберкугелн“, снежните топки, кои некогаш ги печеле монасите, а во тестото додавале рум за да се избегне лошото расположение за време на постот.


Првично, тие се правеле од ровито тесто, а потоа се прелевале со шеќер во прав, додека денес постојат многу варијации на овој десерт, којшто мора да се проба во традиционалното кафуле на Волтер Фридел.



Спонзорирани линкови

Маркетинг