Научниците го открија клучот за лекувањето на Алцхајмеровата болест уште пред појавата на симптомите

Точка

22/10/2024

15:02

1.979

Големина на фонт

а а а

Алцхајмеровата болест, од која заболуваат милиони луѓе ширум светот, се одвива во две различни фази, покажа новото истражување кое за прв пат детално разјасни како напредува оваа разорна болест. Научниците сега веруваат дека можеби ќе имаат шанса да ја запрат болеста во нејзините рани фази – децении пред да се појават првите симптоми – што може да биде пресудно за развојот на третманите кои го спречуваат напредувањето на болеста.

Истражувањето објавено во престижното списание „Nature Neuroscience“ открива дека Алцхајмеровата болест започнува многу пред првите симптомите да станат видливи. Во првата фаза на болеста, доаѓа до суптилни промени во мозокот, вклучувајќи воспаление и губење на одредени видови мозочни клетки кои ги штитат невроните. Овие промени не предизвикуваат видливи симптоми, но создаваат основа за подоцнежно брзо напредување на болеста.


Научниците од Универзитетот во Вашингтон и Институтот за мозок на „НИХ“ проучувале повеќе од 3,4 милиони мозочни клетки од деловите на мозокот поврзани со јазикот и меморијата. Токму овој дел од мозокот, познат како среден темпорален гирус, често е првиот којшто страда кај заболените од деменција.

Втората фаза на Алцхајмеровата болест е онаа која предизвикува масовна смрт на мозочните клетки и акумулација на протеински наслаги. Овие наслаги го задушуваат здравото мозочно ткиво и доведуваат до брзо губење на меморијата, говорот и другите когнитивни способности.


Д-р. Ричард Хоудс, директор на Институтот за стареење на НИХ, кој го финансираше истражувањето, рече дека резултатите од истражувањето „фундаментално го менуваат нашето разбирање за тоа како Алцхајмеровата болест го оштетува мозокот“. Овие нови сознанија ја отвораат вратата за развој на нови третмани кои би можеле да ја запрат болеста пред да ја достигне оваа критична фаза.

Можности за лекување

Научниците веруваат дека постои клучен временски прозорец помеѓу првата и втората фаза на Алцхајмеровата болест, во која би било можно да се запре болеста. Фокусирахќи се врз суптилните промени во првата фаза, истражувачите би можеле да развијат третмани кои ќе го заштитат мозокот и ќе го спречат брзиот когнитивен пад.


Посебно изненадувачко откритие беше дека инхибиторните неврони, клучните клетки за контролирање на мозочните импулси и вниманието, се меѓу првите кои беа погодени. Научниците открија дека воспалението на мозокот во раната фази на болеста ги уништува овие клетки, што би можело да биде клучно за развој на терапии кои би ги заштитиле.

Д-р. Џон Нгаи, директор на Институтот за мозок на „НИХ“, додаде дека „ова ново сознание ќе им помогне на научниците и производителите на лекови ширум светот во развојот на дијагностички и терапевтски методи насочени кон специфични фази на Алцхајмеровата болест“.

Алцхајмеровата болест е растечки предизвик

Според Здружението за Алцхајмерова болест на САД, околу седум милиони Американци во моментов живеат со оваа болест, а се очекува оваа бројка ќе порасне на 13 милиони до 2050 година. Поради стареењето на населението, Алцхајмеровата болест станува сè поголем јавно здравствен проблем.


Иако науката сè уште истражува што ја предизвикува Алцхајмерова болест, ова истражување нуди нова надеж во борбата против оваа разорна болест. Истражувачите се надеваат дека ќе можат да развијат третмани кои ќе ја запрат болеста во раните фази, пред таа значително да го оштети мозокот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг