Може ли да го згрози Закерберг? Кинезите лансираа конкурент на Инстаграм

Точка

20/06/2024

15:29

6.942

Големина на фонт

а а а

„ByteDance“, кинеската компанија која е сопственик на „TikTok“, претстави нова апликација за споделување на фотографии.

Социјалните мрежи во текот на годината значајно се променија. Доволно е да се погледне како на пример „Facebook“ и „Instagram“ изгледаа на почетокот, а како изгледаат денес. Овие платформи постојано тестираат и развиваат нови опции или ги копираат постоечките опции од другите мрежи за да останат конкурентни на овој прилично заситен пазар, односно за да привлечат уште поголем број на корисници.

На еден таков новитет сега работи „ByteDance“, компанијата која стои зад „TikTok“. Тие на корисниците не планираат да им понудат ништо ново, туку станува збор за апликација преку која ќе објавуваат и споделуваат – фотографии. Јасно, станува збор за нивна верзија на Инстаграм која ја нарекле „Whee“, а во која дури и интерфејсот е сличен на мрежата на „Meta“ за споделување на фотографии и видеа и на главниот екран се наоѓаат табови за камера, приказ на содржини, пораки и копче за известување.


Сепак, оваа мрежа не е целосен клон на Инстаграм, и изгледа дека активноста на корисниците би требало да биде насочена првенствено на комуникација со пријателите. Апликацијата така поттикнува на поврзување само со лица кои ги познавате, а не со некои странци. Треба да се претпостави дека и алгоритмот на „Whee“ ќе биде така направен, во прв план да бидат пријателите и следење на нивните активности, а не некои инфлуенсери и слично. Виралните содржини не се прв план и од „ByteDance“ велат дека нивната нова апликација е идеално место на кое луѓето можат да ги споделат своите моменти и приватниот живот со пријателите и членовите на семејството.

Секако, не треба да се исклучи можноста дека, како и повеќето други мрежи, и оваа платформа на „ByteDance“ еднаш би можела да отиде во друга насока – форсирање на поврзување со што поголем број на познати и непознати корисниците, следење на познати лица и инфлуенсери, се за да се зголеми бројот на прегледи и ангажман на корисниците.


Оваа апликација веќе е достапна на он-лајн продавницата на „Google“, но не во сите земји, туку на своите „Android“ телефони можат да ја преземат корисници во земји како Австралија, Турција, Тајланд и уште некои, но не и во САД. Тоа не чуди со оглед на тоа дека „ByteDance“ има голем проблем со „TikTok“ во таа земја и им се заканува забрана за користење на таа социјална мрежа, што е одлука со која не се согласуваат ни милиони Американци.

Со оглед на тоа дека од „ByteDance“ дури ни официјално не ја објавиле достапноста на новата апликација и дека таа е достапна на ограничен број на пазари, изгледа дека сè уште е во некоја експериментална фаза во која се следат реакции, пофалби и критики на корисниците за таа да може да се усовршува пред да стане достапна на поголем број пазари.




Спонзорирани линкови

Маркетинг