Сто милиони згради ќе завршат под вода: Штетата веќе е неизбежна

Точка

13/10/2025

17:16

2.050

Големина на фонт

а а а

Повеќе од 100 милиони згради низ светот би можеле да исчезнат под вода до крајот на векот, покажува новата студија на научници од Универзитетот „МекГил“ во Монтреал (Канада). Истражувањето предупредува на сериозните последици од климатските промени, кои веќе сега се закана за крајбрежните заедници и глобалната инфраструктура.

Студијата, објавена на 29 август во списанието „Urban Sustainability“, ја потпишуваат канадски научници кои ја анализирале бројката на згради во таканаречениот „Глобален Југ“ (Африка, Југоисточна Азија, Централна и Јужна Америка) што би можеле да бидат поплавени под различни сценарија на пораст на морското ниво.

Нивните пресметки покажуваат дека до 2100 година порастот на морето би можел да потопи повеќе од 100 милиони згради низ светот.

Само пораст од 0,5 метри би можел, според нивните податоци, да поплави три милиони згради во „Глобалниот Југ“.

Ако емисиите на стакленички гасови не се намалат наскоро, нивото на морето би можело да порасне и до 5 метри во следните сто години, со што би биле загрозени до една шестина од сите згради во тој дел од светот.

Неизбежна штета

Научниците предупредуваат дека дел од штетата веќе е неизбежен.

„Порастот на морското ниво е бавен, но неизбежен резултат на глобалното затоплување, кој веќе влијае врз крајбрежните популации и ќе продолжи со векови“, објаснува професорката Наталија Гомез, коавторка на студијата.

„Луѓето често зборуваат за пораст од неколку десетици центиметри, но во реалноста, нивото на морето може да порасне за неколку метри ако не престанеме брзо да ги согоруваме фосилните горива.“

Дури и ако се исполнат целите од Парискиот договор, научниците предвидуваат дека пораст од 0,9 метри до крајот на векот би можел да поплави околу пет милиони згради.

Во своето истражување, тимот користел сателитски снимки со висока резолуција и податоци за надморска височина за да создаде прва глобална проценка на ризикот од поплави за секоја зграда поединечно.

Врз основа на тие податоци, изработиле глобална карта на очекуваните поплави во различни сценарија – од 0,5 до 20 метри пораст на морето.

Според таа карта, некои британски крајбрежни градови, како Грејт Јармут, би можеле трајно да завршат под вода, додека делови од Лондон, вклучувајќи ги Пекам и Баркинг, би биле под нивото на плима.


Градови во зоната на плима

„Сите зависиме од стоките, храната и горивото што минуваат низ пристаништа и крајбрежни инфраструктури изложени на порастот на морето", предупредува професорот Ерик Галбрајт, коавтор на студијата.

„Нарушувањата во тој систем би можеле да предизвикаат хаос во глобалната економија и синџирите на снабдување со храна.“

Порастот на температурите доведува до топење на ледените плочи и проширување на океанската вода, што директно го зголемува нивото на морето.

Научниците проценуваат дека милиони згради ќе бидат трајно потопени, а многу други ќе се најдат во зоната на плима.

„Изненадени бевме од огромниот број згради што би можеле да бидат загрозени дури и со релативно умерен пораст на нивото на морето", вели професорот Џеф Кардајл, коавтор на истражувањето.

Авторите нагласуваат дека е неопходно итно дејствување за да се намалат емисиите на стакленички гасови и да се ублажат последиците што, очигледно, веќе ја погодуваат планетата.