Куче-робот започнало со теренски патроли во кинескиот град Хангжу, како дел од пилот-проект за подобрување на управувањето со градот преку напредни технологии, соопштија локалните власти.
Сребрено-сивиот робот моментално е во пробна фаза и се користи во подокругот Чингбо за откривање проблеми како што се нелегално паркирање и блокади на патиштата, изјави заменик-шефот на локалниот тим за спроведување на законот, Ву Веи, пишува „Глобал тајмс“.
Роботот користи комбинација од вештачка интелигенција, HD камери и повеќе сензори за автономно патролирање, собирање докази во реално време и емитување на јавно безбедносни предупредувања до граѓаните.
Уредот може да работи континуирано до четири часа, а се движи на тркала за да заштеди енергија, со можност за преминување пречки и совладување на падини.
Локалните власти очекуваат роботското куче официјално да влезе во целосна употреба кон крајот на октомври, по што неговите рути и функционалности ќе бидат проширени.
Проектот е дел од поширока иницијатива за имплементација на паметни патролни системи во кинеските градови, вклучувајќи ги и претходните тестови во Шенжен.
Ву процени дека употребата на роботски кучиња може да ја подобри ефикасноста на спроведувањето на законот, да ги растовари човечките ресурси и да отвори нови можности за управување со градовите со помош на технологијата.