Славниот теоретски физичар и космолог, професор Стивен Хокинг (1942–2018), за време на својот живот повеќепати предупредувал на тоа што би можело да го доведе човештвото до работ на опстанок.
На самитот „Tencent WE“ во 2017 година, Хокинг говорел за иднината и предупредил дека до 2600-та година планетата би можела да стане пренаселена, а потрошувачката на енергија толку голема што, како што пренесуваат медиумите, Земјата би „светела во црвено“.
Долгорочни ризици
Хокинг додал дека во догледно време не постојат знаци дека научниот и технолошкиот напредок ќе се забави, но и нагласил дека експоненцијалниот раст не може да трае засекогаш.
Славниот физичар ја истакнувал брзината со која човештвото создава нови информации и научни трудови, наведувајќи дека количината на податоци расте со таква брзина што станува тешко да се следи сета нова содржина.
Во повеќе јавни настапи, Хокинг предупредувал дека прекумерниот раст на населението и потрошувачката на ресурси можат да претставуваат долгорочни ризици за човештвото, вклучувајќи нуклеарна војна, еколошки катастрофи и потенцијални ризици од нови технологии, доколку нивниот развој не се регулира.
Иднината на човечкиот род
Во интервју за „BBC“ во 2016 година, Хокинг изјавил дека, иако е веројатноста за глобална катастрофа во една година мала, низ илјадници години таа веројатност станува речиси извесна.
Тој особено ги издвојувал климатските промени и ефектот на стаклена градина како клучни закани за опстанокот на човештвото, пренесува „Unilad“.
Во подоцнежните години, Хокинг нагласувал дека иднината на човечкиот род би можела да зависи од развојот на вселенските патувања и можноста за населување на други планети — што го сметал за еден од начините за обезбедување долгорочен опстанок.