Застрашувачка аномалија се шири на Земјата: Што нѐ очекува? Прогнозите на експертите не се ветувачки

Точка

17/10/2025

17:43

1.763

Големина на фонт

а а а

Необичен процес којшто се одвива високо над Јужна Америка и Атлантскиот океан со години ги збунува научниците.

Европската вселенска агенција (ESA) соопштила дека т.н. Јужноатлантска аномалија – област во која магнетното поле на Земјата е исклучително ослабено – значајно се проширило од 2014 година и сега зазема простор колку речиси половина од европскиот континент.

Магнетниот „штит“ на планетата станува сѐ послаб

Оваа аномалија не се шири рамномерно. Научниците истакнуваат дека нејзините граници постојано се поместуваат и го менуваат обликот, протегајќи се кон крајбрежјето на Африка. Тој процес, според предупредувањата од научниците, не е само научно интересен туку и потенцијално опасен за технолошките системи кои зависат од стабилноста на магнетното поле.


Сателитите кои поминуваат низ оваа зона изложени се на зголемено вселенско зрачење, што може да предизвика грешки во нивните електронски компоненти, па дури и целосно оштетување на инструментите.

ESA предупредува дека аномалијата има и влијание на Земјата – енергетски честички кои можат да пречат во телекомуникациските мрежи, навигациските системи и електричните мрежи. Во екстремни случаи можно е привремено исклучување на сигнали или нарушување во снабдување со електрична енергија.

Глобални поместувања на магнетните полови

Јужноатлантската аномалија не е единствениот знак на промена во Земјиниот магнетен систем. Научниците бележат ослабнување на магнетното поле над северот на Канада, како и постепено поместување на магнетните полови – северниот пол се поместува кон запад, а јужниот кон исток.

Промените се случуваат бавно, но непрекинато иако се незабележливи во секојдневниот живот. За планетарните научници тие претставуваат сериозен сигнал дека структурата на Земјиното јадро постепено се менува.

Дали Земјата влегува во нов магнетен циклус?

Магнетното поле на Земјата функционира како невидлив заштитен штит којшто нѐ брани од вселенското зрачење. Кога тој штит ќе ослабне, како што е тоа случај во областа Јужноатлантска аномалија – сателитите, вселенските летала и висинските летови стануваат ранливи на електромагнетно нарушување.

Додека ESA и другите светски институции го следат развојот на ситуацијата, клучното прашање останува отворено:


Дали станува збор за привремен природен феномен или за знак дека Земјиниот магнетен систем се менува на начин којшто науката сѐ уште не го разбира?

Иако конечниот одговор не е познат, научниците препорачуваат дека наредната година ќе биде пресудна за разбирање на она што се случува длабоко во внатрешноста на нашата планета и високо над неа.