Планетата се соочува со „нова реалност“ откако ја достигна првата од низа климатски пресвртници – масовното исчезнување на коралните гребени. Тоа е заклучокот на обемниот извештај на кој работеа 160 научници од целиот свет, пишува „CNN“.
Климатските промени би можеле да ги извадат од рамнотежа клучните системи на Земјата – од амазонската прашума до поларните мразни плочи – сè до точка на колапс, што би предизвикало катастрофални бранови низ целата планета, велат научниците. „Брзо се приближуваме до повеќе пресвртни точки на Земјиниот систем кои би можеле да го трансформираат нашиот свет, со разорни последици за луѓето и природата“, изјавил Тим Лентон, професор на Институтот за глобални системи при Универзитетот во Ексетер и еден од авторите на извештајот.
Коралните гребени први на удар
Според извештајот, коралите во топлите води се првите што се наоѓаат под удар. Од 2023 година, светските гребени доживуваат најголемо масовно избелување досега забележано, поради рекордно високите температури на океаните, а погодени се повеќе од 80% од нив. Некогашниот подводен свет преполн со бои и живот се претвора во избелен пејзаж со алги кои доминираат.
„Сега ги турнавме (коралните гребени) надвор од границите со кои можат да се справат“, изјавил Мајк Барет, главен научен советник во Светскиот фонд за природа (World Wildlife Fund UK) и коавтор на извештајот. Авторите предупредуваат дека, доколку глобалното затоплување не се запре, „обемните гребени какви што ги знаеме ќе бидат изгубени“.
Последиците ќе бидат далекусежни
Коралните гребени се клучно живеалиште за морските видови, важни за безбедноста на снабдувањето со храна, придонесуваат со билиони долари во глобалната економија и ги штитат крајбрежните области од бури.
Се заканува колапс на океанските струи
Планетата е на работ на неколку нови пресвртници, бидејќи е речиси сигурно дека ќе се надмине глобалната цел за ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови над прединдустриското ниво. Една од најалармантните закани е потенцијалниот колапс на Атлантската меридионална обртна циркулација (AMOC) — клучна мрежа на океански струи. Тоа би имало катастрофални глобални последици: делови од светот би биле фрлени во длабоко заладување, други би се загреале, би се нарушиле монсунските сезони и би се зголемило нивото на морето, предупредуваат научниците.
„Сега постои ризик дека колапсот би можел да се случи во животниот век на луѓето кои се родени и живеат на планетата денес“, предупреди Барет.
„Светот не е подготвен“
Светот не е подготвен за последиците од преминување на овие пресвртници, смета Мањана Милкореит, истражувачка од Универзитетот во Осло и авторка на извештајот.
„Сегашните политики и меѓународни договори се дизајнирани за постепени промени, а не за вакви нагли, неповратни и меѓусебно поврзани поместувања“, рекла таа. Додала и дека начинот на кој владите реагираат сега „може да го обликува Земјиниот систем на многу долго време“.
Во извештајот се повикува на итно намалување на загадувањето кое ја загрева планетата и на зголемување на отстранувањето на јаглеродот од атмосферата. Лентон нагласил дека светот ќе ја надмине границата од 1,5 степени, но клучно е да се минимизира понатамошното затоплување и што побрзо да се намали температурата.
Извештајот посочува и некои позитивни вести, како што е „радикалното глобално забрзување“ во користењето на соларна енергија, електрични возила, батерии и топлински пумпи. Откако почистите технологии ќе ги заменат оние што загадуваат, враќање на старото најверојатно нема да има, бидејќи новите опции се поевтини и поефикасни.
Извештајот доаѓа само еден месец пред собирот на владите во Бразил на климатската конференција COP30. Оваа година е клучна, бидејќи се очекува земјите да ги претстават своите цели за намалување на емисиите во следната деценија.
„Оваа мрачна слика мора да биде повик за будење – доколку сега не дејствуваме решително, ќе ја изгубиме и амазонската прашума, и ледените плочи, и виталните океански струи“, заклучил Барет. „Во такво сценарио, би се соочиле со навистина катастрофален исход за целото човештво.“