Порастот на нивото на морето би можел драстично да го смени крајбрежниот пејзаж на Европа до крајот на векот, предупредува Европската агенција за животна средина (EEA).
Некои од најпознатите плажи би можеле да исчезнат, додека пак во најлошо сценарио нивото на морето би се зголемило и до пет метри до 2150 година.
Порастот на нивото на морето директно загрозува милиони луѓе кои живеат во крајбрежните подрачја, како и туристичката индустрија која зависи од чувањето на плажите.
Според EEA, нивото на морето моментално расте побрзо од претходно, а последиците се веќе видливи. Доколку емисијата на гасови со ефект на стаклена градина не се намали, европските крајбрежја би можеле неповратно да се сменат, што би имало сериозни економски и еколошки последици.
Ќе се изгубат десеттина и стотина метри од крајбрежјето
Истражувањето на холандската компанија „Reinders Corporation“ идентификувало 10 најзагрозени плажи во Европа.
Меѓу нив се и Свети Стефан во Црна Гора, плажа на Сардинија и во Португалија, во Норвешка. Потоа Заливот Ким во Ирска, Славната плажа на островот Ачил, плажа на Исланд, на Азурното крајбрежје, во Велика Британија, во Франција и плажата Пасјача во Хрватска.
Оваа Дубровничка плажа прогласена е за 39-та најубава на светот, а може да изгуби 31 метро, што би можело да го избрише нејзиното тесно песочно крајбрежје.
Свети Стефан, култното летувалиште на Јадранот би можело да изгуби повеќе од 213 метри крајбрежје со што би била сериозно загрозена.
Сите дестинации познати по својата природна убавина, ризикуваат да изгубат десеттина метри од крајбрежјето поради ерозија и пораст на нивото на морето.
Еве што предложуваат експертите за спас
„Мораме да бидеме реални. Намалувањето на емисијата на штетни гасови, постепено укинување на фосилните горива и чување на прашумите се од клучно значење, но можеби тоа нема да биде доволно“, предупредил Џорџо Будилон, професор по океанографија.
Како решение, предложува „меки“ мерки како обнова на плажите и заштита на морските треви додека како „тврда“ одбрана тука се морските ѕидови кои често имаат ограничен ефект.
„Адаптацијата денес чини помалку од утрешното реновирање“, заклучил професорот.
Промената на урбанистичкото планирање и забрана за градење во ризичните подрачја се клучни чекори.
ЕУ веќе обезбедила средства за зачувување на крајбрежјата, но недостатокот на координација меѓу државите членки ја отежнува ефикасната адаптација.
Експертите истакнуваат дека проактивниот пристап е неопходен за да се намалат идните штети и да се зачуваат природните и културни наследства на европските крајбрежја.