Не се доволно стручни: „Apple“ се откажува од електричен автомобил по вложени милијарди?

Точка

29/02/2024

12:31

7.057

Големина на фонт

а а а

После неколку години и вложени милијарди долари, возењето со „Apple“ автомобили завршува на „авто-отпад“ бидејќи компанијата наводно го откажува развојот на своето електрично возило.

Проектот „Apple Car“ доаѓа до својот крај, бидејќи компанијата по десет години работи, вложени милијарди долари и неколку промени на раководството, вчера го откажала развојот на своето електрично возило. Така „Apple“ автомобилот за кој слушавме стотици гласини во минатата деценија, ја завршува својата кариера и пред официјално да ја започне, па наместо на автопат оди на авто-отпад.

Американската компанија известила речиси две илјади вработени кои работеле на овој автомобил дека проектот повеќе не постои, и дека некои од нив ќе бидат преместени во други сектори. Како дел од промените, „Apple“ преместува многу од нив во своите дивизии за развој на вештачка интелигенција, каде ќе се фокусираат на проекти на „AI“, за кои овој гигант треба да сподели повеќе информации подоцна оваа година.


Меѓутоа, тимот за „Apple“ автомобил исто така вклучувал стотици инженери за хардвер и дизајнери на автомобили, што отвора други прашања за нивната деловна судбина. Тие имено ќе можат да се пријават за работа во други сектори на компанијата, додека останатите веројатно ќе бидат отпуштени.

„Apple“ никогаш јавно не зборувал за своите напори да изгради автономно електрично возило, интерно познато како „Проект Титан“. Бројни протекувања на информации во текот на низа години ги открија амбициите на компанијата да се прошири на сосема нова категорија на производи во која немала искуство.


На почетокот на проектот во 2014-та година, „Apple“ сакал да направи сосема автономен автомобил без педали или волан со далечински команди и центар подготвен да ја преземе контролата наместо возачот. Во последно време се укажувало на тоа дека калифорнискиот џин ги намалил своите амбиции.

Само минатиот месец, новите извештаи сугерирале дека „Apple“ автомобилот всушност бил електрично возило налик „Tesla“, а не нешто сосема ново. Компанијата планирала и цена од 100.000 долари за својот автомобил, односно нешто во рамките на високо квалитетниот „Tesla Model X“.


Покрај тоа, инсајдерите истиот месец тврделе дека „Apple“ има потешкотии на овој проект и дека поради тоа дури и го зголемува тимот на тестери на автономни возила. Пред финализацијата на проблемот, проектот „Titan“ исто така минал и низ повеќекратни промени на раководството, кога компанијата по заминувањето на Даг Филд во „Ford“, како извршен директор на проектот во 2021-ва година го поставила Кевин Линч.

Целата приказна сега паѓа во вода што претставува редок голем неуспех за американската компанија.




Спонзорирани линкови

Маркетинг