Сопственикот тврди дека ја изгубил контролата над својот „Model X“. Податоците од автомобилот ќе бидат клучни за тужбата.
Семејство од американската сојузна држава Вашингтон ја тужи „Tesla“ по инцидент во кој нивниот „Model X“, според наводите во тужбата, ненадејно забрзал додека стоел на црвено светло.
Инцидентот се случил на 29 јуни 2023 година во Киркланд. Лин Нгуен тогаш бил зад воланот на „Tesla Model X“ од 2023 година, додека со него била и неговата 14-годишна ќерка.
Според тужбата, автомобилот без предупредување тргнал низ раскрсницата и удрил во работ на тротоарот. Во несреќата не учествувале други возила.

Нгуен тврди дека се здобил со повреди на вратот, грбот, рамото и коленото, како и дека има вртоглавица и конфузија. Неговата ќерка, според наводите на семејството, исто така била повредена и претрпела сериозен емоционален стрес.
Семејството од „Tesla“ бара отштета, вклучувајќи ги и трошоците за лекување, пишува „CarScoops“.
Во тужбата се тврди дека за инцидентот е одговорен „Autopilot“, кој наводно не го задржал автомобилот во место, туку самиот забрзал и го оневозможил возачот да ја врати контролата со сопирање или управување.

Меѓутоа, постои и нејаснотија околу системот кој бил активен. Нгуен тврди дека за технологијата доплатил околу 15.000 долари, што повеќе одговара на цената на пакетот „Full Self-Driving (Supervised)“ на „Tesla“, а не само на „Autopilot“.
Клучниот одговор би можеле да го дадат податоците што ги забележал автомобилот. Меѓу нив се положбата на педалата за гас, користењето на сопирачката, брзината, движењата на воланот и статусот на системите за помош на возачот.
Тие податоци би можеле да покажат дали дошло до технички проблем или до грешка на возачот.

Слични случаи веќе биле предмет на истраги. Американскиот „NTSB“, по смртоносната несреќа со „Model X“ од 2018 година, утврдил дека „Autopilot“ го насочил возилото кон издвоен дел од автопатот, но истовремено укажал и на тоа дека возачот не реагирал.
Во претходна анализа на 118 пријавени случаи на ненамерно забрзување на возила на „Tesla“, „NHTSA“ заклучила дека инцидентите за кои биле достапни податоци од возилата биле поврзани со погрешно притискање на педалите, без докази за дефект на возилото или неефикасно сопирање.
За случајот од Киркланд, меѓутоа, конечните заклучоци сè уште не се познати.










