Медиумите минатата година објавиле дека Сара, ќерката на режисерот Саша Броз, воедно и внука на Јосип Броз Тито, го променила презимето. Сара не сакала да продолжи да го носи презимето на нејзиниот татко, актерот Ранко Зидариќ, па го презела презимето на нејзината прабаба Херта Хас.
„Ја поддржавме затоа што чувствувавме дека тоа ѝ дојде природно и дека има смисла“, раскажала Саша Броз, чија ќерка сакала да го промени презимето „бидејќи ѝ создавало товар“.
Сара љубовта кон театарот и уметноста ги наследила од татко ѝ и мајка ѝ, но нејзината прабаба Херта Хас, една од сопругите на Јосип Броз Тито, била неверојатна личност, која генерации и поколенија ја паметат со причина.
Која била Херта Хас?
Херта била учесник во НОБ, а родена е во Марибор во 1914 година. Тито го запознала во 1937 година во Париз, каде што како курир носела фалсификувани пасоши за шпанските борци.
Сепак, се вљубиле еден во друг две години подоцна, во Истанбул, кога таа на самиот Тито му донела фалсификуван пасош.
Кога се вратиле во Загреб, живееле заедно под тајните имиња Марија Шариќ и Славко Бабиќ. Меѓутоа, нивната љубов не потрајала, а Тито на задача отпатувал во Белград и ја запознал својата нова љубов – Даворјанка Пауновиќ Зденка.
Na današnji dan 2010. - Umrla je Herta Haas, ekonomista, nosilac Partizanske spomenice, supruga Josipa Broza. pic.twitter.com/d8MSLR08c4
— RobertRobi (@Robertdreco) March 5, 2018
Херта Хас останала во Загреб во поодмината бременост, а неколку дена по заминувањето на Тито го родила синот Мишо Броз.
Тито и Херта повторно се сретнале во 1943 година во Јајце, каде што таа со Иво Лола Рибар дошла на втората седница на Антифашистичкиот совет за народно ослободување на Југославија.
„Нема место за две жени“
Сите во опкружувањето на Тито знаеле дека тој има нова љубов – Даворјанка Пауновиќ – која, исто така, се наоѓала во Јајце. Херта и Даворјанка се сретнале во куќата одредена за престој на другарот Тито.
„Драга моја, во оваа куќа нема место за две жени“, дофрлила младата партизанка.
Според сведочењето на партиските другари присутни на состанокот, ова толку многу ја разбеснило Херта што го нашла Тито во штабот и пред сите го прашала: „Која е таа жена? Зарем не сум ти јас жена?“.
На Тито му било видно непријатно, едвај успеал да проговори: „Па, обидете се да се договорите“.
Херта не сакала да живее така, па оставила сè и се вратила во Словенија. Никогаш повеќе немала намера да се смири со Тито.
Одбивање Тито
Долго време во Југославија се зборувало дека по смртта на Даворјанка во 1946 година, маршалот ѝ пишувал на Херта и ја молел да се врати во писмо долго 16 страници. Херта му одговорила со две реченици, наводно:
„Драги мој, Херта трпи понижување од маж само еднаш. Не паѓам двапати на колена пред ист човек“, напишала таа.
Нејзиниот однос со Тито, како и дефинитивната разделба го опишал историчарот Јоже Пирјевец во неговата книга „Тито и другарите“.
Подоцна Херта се премажила и родила две ќерки. Наводно Тито го сретнала само уште еднаш, во 1946 година.
Била многу образувана, зборувала неколку странски јазици, пишувала статии и за Тито никогаш не зборувала.
Починала во 2010 година, на 95-годишна возраст, а била погребана во Марибор.