Белгиецот по име Мишел (76) верувал дека ја пронашол љубовта на својот живот откако започнал да се допишува со позната манекенка, но кога стигнал вратата на нејзиниот дом, го пречекал нејзиниот сопруг и ја дознал „болната“ вистина, пишува „Експрес“.
Верувањето во онлајн љубовта скапо го чинеше 76-годишен маж кој верувал дека се допишува со познатата француска манекенка Софи Вузланд. Верувајќи дека неговата „идна сопруга“ го чека, тој патувал 800 километри до нејзиниот дом.
Пред да отпатува за Франција да ја запознае тој ѝ испратил 29.000 евра на нејзината сметка, верувајќи дека ѝ помага финансиски.
Но, кога Мишел пристигнал на адресата во Сен-Жулиен, Франција, наместо романтична средба, го пречекал сопругот на бремената манекенка, Фабиен. Илузиите на Мишел биле разбиени кога се претставил како „иден сопруг“ на 38-годишната Софи, на што мажот ладно одговорил: „Па, јас сум сегашниот“.
Се испоставило дека бил измамен – некој се претставувал како Софи, поранешната прва придружничка на изборот за Мис Франција во 2007 година. Целата ситуација станала јасна кога Софи и Фабиен објавија видео на социјалните мрежи за да ги предупредат другите за опасностите од онлајн љубовните измами.
„Мислам дека ми направија валкан трик. Јас сум идиот“, рекол Мишел во видеото додека ѝ ги покажувал пораките на Фабиен.
„Мојата сопруга? Не, тоа се лажни профили. Мора да бидете многу внимателни“, рекол сопругот на манекенката.
Видеото беше споделено на Инстаграм без да се открие идентитетот на Мишел, со пораката: „Многу ми е жал за овој човек. Пазете се од лажни профили. Го споделувам ова видео за да покажам дека овие работи навистина се случуваат и дека мора да бидете внимателни. Бидете внимателни!“
Софи, која очекува дете со Фабиен, призна дека инцидентот длабоко ја погодил.
„Браво што го направивте ова видео – луѓето треба да знаат колку лажни профили има и колку треба да бидат внимателни“; „Кутрата Софи, а уште си и бремена среде целава ситуација… Се надевам дека ова никогаш повеќе нема да се случи“; „Неверојатна приказна! Кутриот господин… ужасно е да се знае дека сè уште има такви што измамуваат и експлоатираат други луѓе“, биле дел од коментарите
Онлајн измамите стануваат сè почести, па затоа е добро уште еднаш да бидете предупредени да бидете многу внимателни со тоа со кого разговарате, со кого споделувате лични информации и особено со кого ги испраќате вашите пари.