Со куче на море: Совети што ќе ви помогнат сè да помине во најдобар ред

Точка

31/07/2025

15:40

576

Големина на фонт

а а а

Сè повеќе сопственици на кучиња одлучуваат да летуваат заедно со своите четириножни пријатели. Иако идејата за заеднички одмор на море звучи прекрасно, многумина со право се прашуваат – како кучето ќе го поднесе патувањето, престојот на плажа и новата рутина? Со добра подготовка, заедничкиот одмор може да биде опуштен и за човекот и за кучето.

Ако патувате со автомобил, важно е да го навикнете кучето на возење. Пред патувањето, направете неколку пократки возења за кучето да се чувствува посигурно.

На денот на поаѓање, нахранете го неколку часа порано и обезбедете му удобно и безбедно место во возилото, најдобро во транспортер или со помош на сигурносен појас за кучиња. Не заборавајте да застанувате на секои два до три часа за прошетка, хидратација и одмор.

Идеално е кучето да може да биде со вас под сенка, а повремено и да се бања – секако, само ако ужива во водата. Пред пристигнувањето, проверете ги правилата на плажата, бидејќи не се сите отворени за кучиња, а сè уште има луѓе што ќе се пожалат. Во такви ситуации, останете љубезни, смирени и објаснете дека вашето куче има право да престојува таму ако плажата е дозволена за миленици.


На плажа понесете:

• сад за вода

• доволно свежа вода

• лесно ќебе или пешкир за кучето

• играчки

• кеси за чистење по кучето

• лесен поводник

• заштита од сонце – особено ако кучето има светла кожа или кратко крзно


Избегнувајте прошетки и капење во најтоплиот дел од денот, а по капењето во море, исплакнете го кучето со слатка вода за да спречите иритации на кожата.

Ако кучето не е навикнато на метеж, размислете за одење на плажа рано наутро или предвечер. Исто така, важно е да внимавате кучето да не пие морска вода, бидејќи тоа може да предизвика дијареја и дехидратација. Понудете му доволно свежа вода и нека секогаш биде во ваша близина.

Дајте му време да се прилагоди и не го присилувајте. Со себе понесете ја и книшката со ветеринарни податоци и основни потрепштини како пинцета за крлежи, средства против болви и комарци, како и евентуално омиленото ќебе или играчка за кучето да се чувствува „како дома“.