Google развива систем за воздушна контрола на дронови

Точка

10/06/2017

16:03

1.863

Големина на фонт

а а а

За неколку години ќе летаат илјадници дронови насекаде низ светот, па истовремено потребно ќе биде да постои систем кој ќе управува со тие летала со цел да не се судрат меѓусебно или пак да удрат во некоја препрека.

Amazon, Alphabet и уште неколку други компании веќе подолго време тестираат достава на производи преку дронови, па јасно е дека во иднина на небото ќе гледаме се повеќе дронови кои што ќе вршат достава, ќе го следат сообраќајот, ќе фотографираат и слично.

Со оглед на тоа што бројката на дронови ширум светот со голема брзина се зголемува, се јавува потребата за некаков систем кој ќе врши контрола на овој воздушен сообраќај. Токму Google разви прототип на ваков систем за контрола на дронови кој што може да управува со голем број на беспилотни летала истовремено.


Тестирањето на овој систем во САД го спровеле од NASA и Federal Aviation Administration, при што Џејмс Рајан Барџис, еден од главните лица во Project X на Google изјави дека претходно пилотите на дроновите морале мануелно да управуваат со нив за да избегнат препреки, а со системот за воздушна контрола тоа нема да биде потребно во иднина.

Според него, бројни компании во иднина ќе имаат флота од илјадници дронови во воздух истовремено, па ќе биде потребно да постои систем кој ќе управува со дроновите за меѓусебно да не се судираат, односно да заобиколуваат други летала, згради и слично.


Системот наречен UTM автоматски ќе управува со летовите на сите беспилотни летала, ќе ги планира нивните рути и ќе ги насочува дроновите кон слободните рути во случај на потенцијална опасност од судир. За управување со рутите ќе се користат сервисите на Google како што се Maps, Earth и Street View, а со текот на времето Google ќе развива нови технологии.

Освен Google, на сличен систем за контрола на воздушниот сообраќај работат и други компании - NASA најави систем за навигација на дронови уште пред две години, а на ваков систем работат и Amazon, Uber, GoPro и Airmap.