Изборот на новиот Џејмс Бонд наводно влегол во завршна фаза, а еден од колегите на актерот Џош О’Конор е убеден дека токму нему му припаднала престижната улога на британскиот таен агент. Како што тврди извор, актерот наводно веќе потврдил дека ќе стане новиот агент 007.
Додека расте возбудата околу прашањето кој ќе биде следниот актер што ќе го носи познатиот пиштол „Walther PPK“, еден од колегите на О’Конор од театарот тврди дека го знае одговорот.
О’Конор до минатата сабота играше во претставата „Golden Boy“ во театарот „Almeida“, во лондонската населба Ислингтон. Тоа беше негова прва театарска улога по цели 11 години.

Актерот настапуваше заедно со Ричард Флајшман, Џејсон Барнет, Даниел Мејс и Хејли Сквајрс, а неговата интерпретација на талентиран виолинист кој станува професионален боксер наиде на одлични критики.
Меѓутоа, еден член на актерската екипа наводно во текот на вечерното излегување во лондонскиот Сохо, во средата навечер, открил дека О’Конор му се доверил дека ја добил улогата на Џејмс Бонд.
„Случајно се сретнав со еден од колегите на Џош од претставата „Golden Boy“ во пабот „French House“. Многумина го препознаваа и му приоѓаа за да се фотографираат со него, па сосема случајно почнавме да разговараме во едно ќоше“, раскажал изворот за „People“.

„Одеднаш, по неколку чаши пиво, излета со тврдењето дека Џош е следниот Џејмс Бонд. Реков дека тоа е само претпоставка, но тој инсистираше дека токму Џош е избран. Тврдеше дека Џош му доверил дека ја добил улогата за време на прославата по завршувањето на изведбата на претставата, на Ноќта на вештерките. Бев изненаден од тоа колку отворено зборуваше за сето тоа. Очигледно е многу горд на Џош и на тоа што улогата на Бонд би значела за неговата кариера“, додал изворот.
Неочекуван фаворит за улогата на славниот агент
Џош О’Конор важи за еден од помалку очекуваните кандидати за улогата на 007. Меѓу фаворитите се споменуваат и Џек Лоуден, ѕвездата на серијата „Slow Horses“, како и Калум Тарнер, познат по серијата „Masters of the Air“.

По завршувањето на школувањето на театарската академија „Bristol Old Vic“, О’Конор првпат се појавил на телевизија во 2012 година, во една епизода од детективската серија „Lewis“. Филмското деби го имал во 2017 година, во филмот „God's Own Country“, кој му донел пофалби од филмската критика.
Режисерот Френсис Ли, добитник на наградата за најдобра режија во категоријата светски филм на фестивалот „Sundance“ за оваа романтична драма, го опишал како „еден од ретките актери кои навистина можат да се преобразат во кој било лик“.
Две години подоцна, О’Конор ја добил улогата на принцот Чарлс во третата сезона на серијата „The Crown“. Таа улога му донела голема популарност, но и наградата Еми за најдобар актер во 2021 година.

Оливија Колман, која во популарната серија на „Netflix“ ја играше кралицата Елизабета, не го криела воодушевувањето од неговиот талент.
„Навистина уживав гледајќи го и восхитувајќи се на тоа како станува ликот што го толкува. Кревкост, блескавост, сила, сомнеж – сето тоа е присутно во еден момент. Секоја сцена што ја снимавме заедно ми стана омилена“, изјавила актерката.











