Разликата од дури 43 години не ги спречила Анет Кауфман и Ни Сја Лјан да одиграат возбудлив натпревар на Европското првенство во пинг-понг во Словенија. Младата Германка на крајот славела со 4:1 во сетови, но 63-годишната претставничка на Луксембург уште еднаш покажала зошто е една од најпосебните спортистки во светот.
Кауфман, која има 20 години, морала сериозно да се помачи за да обезбеди пласман во четвртфиналето. Ги освоила првите два сета со по 11:9, но искусната Ни возвратила и го добила третиот сет со 11:6. Во четвртиот сет се водела голема борба, а Германката славела со 12:10, додека во последниот сет била убедлива со 11:1.
„Дефинитивно не беше лесен натпревар. Практично ѝ украдов многу сетови. Тешко е да го играш својот најдобар пинг-понг против играчка како неа“ признала Кауфман.
Младата Германка пред натпреварот се пошегувала дека Ни би можела да ѝ биде мајка, па дури и баба. По натпреварот, 63-годишната пингпонгарка покажала спортски дух и се вратила до делот од трибините каде што биле Германците за да ѝ честита на победничката.
Шампионка која им пркоси на годините
Ни Сја Лјан ги постигнала своите први големи успеси уште во 1983 година, кога со репрезентацијата на Кина станала светска шампионка во екипна конкуренција. Од 1991 година настапува за Луксембург, а европска шампионка во поединечна конкуренција била во 1998 и 2002 година.

Повторно испишала историја на Олимписките игри во Париз во 2024 година, кога на 61-годишна возраст станала најстарата пингпонгарка која остварила победа на олимписки натпревар. Нејзин тренер е нејзиниот сопруг, 67-годишниот Швеѓанец Томи Даниелсон.

Додека многу спортисти одамна ги завршиле своите кариери, Ни и понатаму ги одмерува силите со најдобрите и покажува дека љубовта кон спортот не познава старосни граници.
Кауфман, од друга страна е новата надеж на германскиот пинг-понг. На Олимписките игри во Париз освоила бронзен медал во екипна конкуренција, а сега ја очекува четвртфиналето на Европското првенство, во кое би можела да се соочи со својата сонародничка Хан Јинг (43).













