Пред пет години трчала на Игрите, сега станува од кревет за да јаде и да оди во тоалет: Тоа ви го уништува животот, за таа болест практично ништо не постои

Точка

16/10/2026

21:03

692

Големина на фонт

а а а

Британската атлетичарка Бет Добин, која пред само пет години ја претставуваше својата земја на Олимписките игри во Токио, денес минува низ вистинска животна драма. Поранешната олимпијка има 32 години, а поради тешка болест е принудена да поминува повеќе од 22 часа дневно во кревет.

На Добин ѝ е дијагностициран мијалгичен енцефаломиелитис (МЕ), хронично заболување што предизвикува сериозни здравствени проблеми и екстремна исцрпеност. Нејзината состојба е толку тешка што дури и наједноставните активности, како разговор или одење на лекар, можат да предизвикаат влошување што трае со недели, па дури и со месеци.

„Правев некои сосема обични работи, како одење на лекар за да ми земат крв, а потоа поради тоа со месеци бев прикована за кревет. Затоа и ова интервју, половина час разговор, би можело да остави последици врз мене дури и во текот на 2027 година. Сепак, сметав дека е многу важно да зборувам за тоа и да ја пренесам својата порака“, раскажала Добин за „BBC“.

Колку тешко станало нејзиното секојдневие, најдобро покажува податокот дека во текот на целата оваа година само петпати излегла од дома.

Од кревет главно станува за да јаде или да оди во тоалет, додека секојдневно се соочува со болки, нарушувања на сонот, проблеми со помнењето и концентрацијата, како и со исцрпеност што не поминува дури ни по долготраен одмор.

„Тоа буквално ви го уништува животот. Не можам ни со зборови да опишам како изгледа. Се чувствувам како да сум изгубила сè. Сè уште го имам семејството, но ги изгубив самостојноста, здравјето, можноста да работам и да тренирам“, рекла поранешната олимпијка.

Нејзините здравствени проблеми почнале во текот на зимата 2021/22 година, откако прележала коронавирус и мононуклеоза. На почетокот симптомите не изгледале особено сериозно. Спиела нешто подолго од претходно, а резултатите на тренинзите биле послаби.

И покрај тоа, успеала да избори пласман на Светското првенство, Игрите на Комонвелтот и Европското првенство.

Меѓутоа, токму на континенталното првенство се појавил еден од првите сериозни знаци дека нешто не е во ред. Добин тргнала прерано од стартните блокови откако го изгубила чувството во нозете.

По завршувањето на сезоната, здравствената состојба дополнително ѝ се влошила, поради што побарала помош од повеќе специјалисти. Сите на крајот ја поставиле истата дијагноза.

„Сите ми рекоа: ’Ова е МЕ.‘ Не сакаа да биде така, бидејќи за оваа болест практично не постои ништо што би можело да помогне“, објаснила таа.

Мијалгичниот енцефаломиелитис често се нарекува и синдром на хроничен замор, но британската атлетичарка смета дека таквиот назив ни приближно не го опишува она низ што минува.

„Би сакала да станува збор само за замор. Тоа би било лесно. Ова е многу повеќе од тоа. Кога би направила список со моите 20 најлоши симптоми, заморот можеби едвај би се нашол на него“, порачала Добин.


Како што објаснила, постојат моменти кога има чувство дека целото тело едноставно ѝ се гаси.

Сепак, и покрај тешката ситуација, поранешната олимпијка се обидува да им помогне на другите луѓе што се соочуваат со истата болест.

Нејзината помлада сестра Феј ќе учествува на маратонот во Јоркшир за да собере пари за истражувања на мијалгичниот енцефаломиелитис, додека Бет одлучила јавно да проговори за своето искуство и да го привлече вниманието кон проблемите на заболените.

„Многу луѓе што ја имаат оваа болест ми велеа: ’Никој не ми верува, мислат дека сум мрзлив.‘ Мене ми веруваат бидејќи се прашуваат зошто некој што 20 години бил спортист едноставно би престанал да се занимава со спорт. Имам одредена можност мојот глас да допре до луѓето и чувствувам обврска да ја искористам“, заклучила Добин.