Американски пар на одмор во Венеција се нашол во непријатна ситуација откако сфатил дека несвесно прекршил едно од градските правила.
Џулија Латоф и нејзиното момче Мајк одлучиле утрото да го поминат трчајќи низ улиците на градот, но нивниот тренинг се претворил во непријатно искуство кога сфатиле дека еден детаљ предизвикал негодување кај локалните жители.
Парот патувал во Италија и Австрија по повод 60-годишнината од бракот на бабата и дедото на Мајк. И двајцата се страствени тркачи, па за време на патувањата имаат навика да го запознаваат градот и преку утринско трчање.
„Моето момче и јас сме тркачи и се обидуваме да одработиме тренинг во секој град во кој патуваме. Почнавме со тоа по завршувањето на факултетот“, изјавила Џулија за „Newsweek“.
Проблемот настанал поради облеката. Бидејќи почетокот на јули донел големи горештини, Мајк одлучил да трча без маица. „Во Њујорк, каде што живееме, тоа е сосема нормално во текот на летото“, објаснила Џулија. Таа додала дека неколку дена претходно трчале и во Фиренца, каде што виделе и други мажи без маици, па не очекувале дека тоа би можело да претставува проблем во Венеција.
Сепак, реакцијата на жителите ги изненадила. „Локалците беа видно вознемирени. Одмавнуваа со главите и го гледаа со гадење. Така сфативме дека нешто не е во ред“, раскажала таа. Откако некој им дофрлил и неколку зборови, застанале и на мобилниот телефон провериле зошто нивното однесување предизвикало такви реакции.
Казната може да достигне 250 евра
Парот набрзо открил дека во историскиот центар на Венеција не е дозволено да се шета без маица или во костим за капење. Правилото постои со цел да се зачува пристојноста во близина на бројните културни и верски знаменитости, а за негово прекршување е предвидена парична казна.

„Штом сфативме во што е проблемот, се тргнавме во една уличка и купивме маица. Не го направивме тоа намерно, нѝ беше непријатно и се чувствувавме засрамено“, изјавила Џулија.
Венеција има низа правила за туристите
Забраната за шетање без маица е само едно од бројните правила со кои Венеција се обидува да го заштити својот историски центар и да го одржи јавниот ред.
На туристите, меѓу другото, не им е дозволено да седат или да јадат на скалите на спомениците, мостовите и другите заштитени места. За ваквите прекршоци се предвидени казни од 100 до 200 евра.
Капењето во венецијанските канали може да резултира со казна од 350 евра, а иста казна е предвидена и за фрлање отпад. Хранењето гулаби и галеби, исто така, може скапо да чини, со казни кои се движат од 25 до 500 евра.

Во историскиот центар е забрането и возење велосипед, па дури и туркање велосипед, за што казната изнесува 100 евра. Кампувањето на јавни површини се казнува со 200 евра.
Освен паричните казни, за некои прекршоци, како што се капење во каналите, кампување или непочитување на правилата за јавните површини, властите можат да изречат и мерка за отстранување од одредено подрачје, позната како „ДАСПО“.
Џулија подоцна на Инстаграм споделила видео за необичната ситуација и ги предупредила другите патници. „Важна напомена: ако планирате да патувате во Венеција, задолжително спакувајте маица за трчање!“, напишала таа.
Таа додала дека по ова искуство Мајк станал повнимателен кога трча за време на патувањата. „Мајк дома и понатаму трча без маица, но стана повнимателен на патувањата, дури и во рамките на САД“, истакнала Џулија.















