Една жена од Тајланд доживеала непријатно изненадување кога го отворила својот сеф во кој со години чувала парични резерви, верувајќи дека се целосно безбедни. Глетката што ја затекнала внатре ја оставила во целосен шок.
Целата приказна набрзо стана хит на интернет, откако корисничката под прекар „Nanny Irin“ споделила неверојатни фотографии и опишала што ѝ се случило.
Неочекувани штетници
Таа објаснила дека сефот го отворала само одвреме-навреме, и тоа во ситуации кога ѝ биле потребни пари за плаќање на ратите за станот. Последен пат ја проверила состојбата во сефот неполн месец пред да ја забележи штетата. Во него се наоѓале околу еден милион тајландски бати, односно нешто повеќе од 26.000 евра, наведува медиумот „Stirile Pro TV“.

Сепак, кога повторно го подигнала капакот, ја дочекала шокантна сцена – куп живи и угинати термити и уништени банкноти.

Неповратна загуба
Фотографиите што ги споделила јавно прикажуваат книжни пари кои инсектите буквално ги изгризале, додека некои банкноти останале само делумно оштетени.
„Сефот ги штити твоите пари од крадци, но не и од термити“, прокоментирала таа на Фејсбук.

Како што тврди, термитите пронашле пат до внатрешноста и за кратко време уништиле значителен дел од заштедата, кој повеќе нема да може да го искористи. Имено, Централната банка на Тајланд врши замена на оштетени пари исклучиво според строго утврдени критериуми, кои нејзините изгризани банкноти не ги исполнуваат.






