Автомобил лежел во река речиси четири години: Кога механичарот го отворил моторот следувало големо изненадување

Точка

11/08/2026

11:34

347

Големина на фонт

а а а

Механичар расклопил V8 мотор од „Chevrolet Camaro“ кој речиси четири години поминал во река. Зачуваните делови го изненадиле, а една трага разбудила сомнеж.

„Chevrolet Camaro“ од 2011 година речиси четири години лежел на дното на реката Охајо. Кога неговиот ’рѓосан 6,2-литарски V8 мотор конечно завршил во работилница, изгледало дека расклопувањето само ќе го потврди она што веќе било очигледно – дека од него не останало ништо освен куп метал за отпад.

Сепак, искусниот механичар Ерик, познат по „YouTube“ каналот „I Do Cars“, во внатрешноста на агрегатот го пречекале две изненадувања. Првото покажало колку моторното масло може да го заштити металот, а второто го отворило прашањето дали автомобилот навистина случајно завршил во реката.


’Рѓа само однадвор

Годините поминати под вода оставиле сериозни последици. Надворешноста на моторот била покриена со корозија, одредени делови целосно пропаднале, а секој следен чекор од расклопувањето барал многу трпение.

Сепак, под ’рѓосаната површина сликата не била таква каква што Ерик очекувал. Таму каде што се задржал слој од моторно масло, металните компоненти биле делумно заштитени од водата. Токму маслениот филм го забавил процесот на корозија и зачувал одредени делови значително подобро отколку што би можело да се претпостави по повеќегодишен престој на речното дно.

Најголемото изненадување било коленестото вратило. Механичарот проценил дека, и покрај сè што претрпело, би можело да се обнови и повторно да се употреби. Меѓутоа, еден друг детаљ набрзо ја потиснал приказната за неверојатно зачуваните делови во втор план.


Чудна трага во моторот

При прегледот на вентилскиот механизам, Ерик открил дека недостига една потисна шипка. Истовремено, соодветната клацкалка на вентилот ја немала очекуваната затегнатост. Таквиот недостаток не можел едноставно да се припише на водата, ’рѓата или долгото стоење на автомобилот.

Се појавила можност „Camaro“ да имал сериозен проблем уште пред да биде потопен. Механичарот претпоставил дека можеби дошло до дефект на подигнувачот на вентилот, што може да предизвика непријатно тропкање на моторот и да бара скапа поправка.

Според неговата теорија, некој можел намерно да ја отстрани потисната шипка за проблематичниот вентил да престане да создава бучава. Автомобилот и понатаму би можел да се движи, но моторот не би работел правилно бидејќи во еден цилиндар не би доаѓало до согорување.

Сомнежот го засилила уште една трага. Капакот на вентилите бил отстранет невообичаено лесно, што укажувало на можноста некој веќе да го отворил моторот пред „Camaro“ да заврши под вода.


Кражба и осигурување

Вистинската мистерија започнала дури кога трагите од моторот биле поврзани со историјата на возилото. Според податоците од извештајот на компанијата „Carfax“, кои ги пренесува „Autoblog“, истиот ден наводно биле евидентирани пријава за кражба и исплата од осигурување.

Поради тоа, Ерик изнел теорија дека сопственикот можеби сакал да избегне скапа поправка. Според неговата претпоставка, автомобилот можел да биде пријавен како украден, а потоа намерно одвезен во реката за да биде прогласен за целосно уништен.

Ваквото сценарио звучи како заплет од криминалистички филм, но не е потврдено. Станува збор исклучиво за сомнеж што механичарот го изнел врз основа на делот што недостига, трагите од претходно отворање на моторот и податоците за осигурувањето. Нема докази дека „Camaro“ навистина бил намерно потопен.

Маслото го спречило пропаѓањето

Расклопувањето на моторот сепак дало интересен одговор на прашањето како одредени компоненти преживеале речиси четири години под вода. Заштитниот слој масло го спречил директниот контакт на дел од металот со водата и на тој начин го забавил неговото пропаѓање.

Важна улога можел да има и моментот во кој автомобилот бил потопен. Кога изгаснат мотор ќе заврши под вода, штетата се развива поинаку отколку кога агрегатот додека работи ќе вшмука голема количина вода.

Во таков случај може да дојде до хидрауличен удар. Бидејќи водата практично не може да се компресира како мешавината од воздух и гориво, движењето на клипот може нагло да запре, што доведува до виткање на клипњачата и тешки оштетувања во внатрешноста на моторот.

Кај пронајдениот V8 агрегат, најголемата штета, според сè, ја направиле годините поминати во вода. Сепак, приказната за овој „Camaro“ стана интересна поради она што преживеало – но и поради трагите што го отворија прашањето зошто автомобилот воопшто завршил на дното на реката.