Во Собранието беше презентирана Програмата и приоритетите на Ирското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули-декември 2026 година, со акцент на конкурентноста, европските вредности и безбедноста, како и поддршката за евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија.
Денеска во Собранието се одржа заедничка седница на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции со единствена точка на дневен ред – Презентација на Програмата и приоритетите на Ирското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули – декември 2026 година, од Брендан Вард, амбасадор на Ирска за Република Северна Македонија, со седиште во Букурешт, Романија.
Седницата ја отвори претседателот на Комисијата за европски прашања
Антонијо Милошоски, кој им посака добредојде на амбасадорот на Ирска, Брендан Вард, и на заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков. Во своето воведно обраќање, претседателот Милошоски се заблагодари за континуираната поддршка што Ирска ѝ ја дава на нашата држава во процесот на европската интеграција.

Приоритетите на Ирското претседателство
Во своето обраќање, амбасадорот Брендан Вард истакна дека Ирска има амбициозна агенда за време на претседавањето со Советот на Европската Унија, заснована на три клучни приоритети: конкурентност, вредности и безбедност.
Економскиот развој и конкурентноста
Во однос на конкурентноста, амбасадорот Вард се осврна на слоганот „Една Европа – еден пазар“, нагласувајќи дека економскиот развој останува еден од клучните приоритети на Европската Унија. Тој посочи дека конкурентната земјоделска политика, дигитализацијата на еврото, обезбедувањето еднакви услови за сите претпријатија, како и развојот на биотехнологијата и медицинските истражувања, ќе бидат меѓу приоритетните области на дејствување.

Европските вредности
Осврнувајќи се на европските вредности, Вард нагласи дека демократијата, почитувањето на меѓународното право, владеењето на правото и мултилатерализмот остануваат темелните принципи врз кои се заснова Европската Унија.
Безбедност и поддршка за Украина
Во делот посветен на безбедноста, амбасадорот Вард истакна дека главниот фокус и понатаму останува поддршката за Украина во поглед на руската агресија, како и зајакнувањето на одбранбените капацитети на Европската Унија. Тој додаде дека поморската и кибербезбедноста, исто така, претставуваат важни сегменти на европската безбедносна политика.

Заменик-министерката за европски прашања
Викторија Трајков, ѝ посака успешно претседавање на Република Ирска со Советот на Европската Унија, оценувајќи дека тоа ќе претставува нов импулс за политиката на проширување на Европската Унија. Во своето обраќање, таа истакна дека Реформската агенда на нашата држава претставува јасен патоказ за напредок, кој се реализира со засилена динамика. Нагласи дека спроведувањето на реформите ќе придонесе за повисок животен стандард на граѓаните, зајакнување на владеењето на правото и изградба на поефикасни и посилни институции.
Поддршка од Милошоски
Милошоски се осврна на трите постулати што ги истакна амбасадорот Вард, нагласувајќи дека нашата држава е усогласена со политиките на Европската Унија.
Дискусија за европскиот пат
По воведните обраќања се отвори плодна дискусија во која учествуваа пратеници и заинтерсираната јавност осврнувајки се на нашиот европски пат и реформската агенда.















