Хоџа го означи почетокот на регулацијата на Сува Река: Инвестиција од 376 милиони денари за чист и безбеден Сарај

Макфакс

15/07/2026

13:50

159

Големина на фонт

а а а

Министерот Муамет Хоџа најави почеток на проектот за регулација на коритото на Сува Река во Сарај, со инвестиција од 376 милиони денари, кој има за цел заштита од поплави и подобрување на условите за живот во регионот.

Министерот за жизнена средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска го означи почетокот на изведбата на капиталниот проект за регулација на коритото на Сува Река во Општина Сарај, за кој МЖСПП обезбеди 376 милиони денари.

На настанот присуствуваа и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Сарај, Мухамет Елмази и градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити.

Хоџа истакна дека со уредувањето на оваа делница во должина од речиси 12 километри, од патот за село Бојане до вливот во Треска кај с. Глумово, трајно се решава децениски проблем за илјадници граѓани. Проектот директно ќе ги заштити населените места и земјоделското земјиште од поплави, а воедно ќе го елиминира ризикот од зарази во летниот период.

„Оваа инвестиција е дел од нашата голема инфраструктурна офанзива што ја реализираме низ целата држава. Со секој нов проект, со секој исчистен речен тек, со секоја нова комунална мрежа и пречистителна станица, ние поставуваме цврсти темели за вистински зелен пресврт во нашата земја“, порача Хоџа.

Градежните активности на терен се веќе започнати. Реализацијата на проектот е планирана како повеќегодишна инвестиција на Министерството и ќе се спроведува во периодот од 2026 до 2029 година.